По децении запуштеност, конечно ќе се реконструира спортската сала „Македонија“ во Прилеп

По децении запуштеност, спортската сала „Македонија“ во Прилеп конечно ќе добие целосна реконструкција. Проектот на Министерството за спорт, предвиден во рамките на Програмата за изградба, реконструкција и санација на спортски објекти за 2026 година, има за цел да обезбеди современи услови за спорт, тренинг и рекреација за младите, спортистите и сите љубители на спортот - информираат од Министерството за спорт.
Спортската сала се наоѓа на улицата „Цане Кузмановски“, во урбано подрачје со добра сообраќајна поврзаност со останатиот дел од градот. Изградена е во 1978 година, а во 1993 година била зафатена од пожар, по што била обновена и реконструирана неколку години подоцна. Денес објектот е во незадоволителна состојба и не се користи во целост за намената за која е изграден, поради што е предвидена негова целосна реконструкција.
Салата е наменета за одржување спортски и рекреативни активности во повеќе спортови, меѓу кои ракомет, куглање, одбојка, кик-бокс, борење и мал фудбал.
Според проектната документација, просторот за игра е димензиониран според ракометно игралиште со должина од 40 метри и ширина од 20,33 метри, додека висината до највисоката точка изнесува 13,90 метри. Предвиден е заштитен појас од два метра зад головите и по 1,20 метри по должина на страничните линии на салата.
По реконструкцијата, спортскиот објект ќе располага со 1.959 седишта за публика, распоредени во 15 реда од двете страни на теренот. Покрај посебните влезови за публика, професионални спортисти и корисници на рекреативните содржини, предвидени се и соодветни пристапи за лицата со попреченост.
Проектот не опфаќа само архитектонска реконструкција, туку и зафати во електричните инсталации, водоводот и канализацијата, како и во термотехничките системи. За објектот веќе е изработена техничка документација за основен проект за реконструкција и санација, со намена Б6 – спорт и рекреација.
Предвидената вредност на реконструкцијата, како што соопшти Министерството, изнесува 180 милиони денари со вклучен ДДВ. Средствата се планирани да се исплаќаат во три фази: два милиона денари во 2026 година, 89 милиони денари во 2027 година и уште 89 милиони денари во 2028 година.
Со обновувањето на салата „Македонија“, Прилеп треба да добие репрезентативен спортски објект што ќе создаде подобри услови за развој на спортот, за тренинзи и натпревари, но и за секојдневна рекреација.
- Инвестицијата претставува повеќе од обновување на спортската инфраструктура. Таа е вложување во здравјето и правилниот развој на младите генерации, како и во создавањето услови за идните спортски таленти да ги развиваат своите способности и да градат спортски кариери во современ и соодветно опремен објект - се наведува во соопштението од Министерството за спорт.
МИА
Ново на Сител
-

Клековски: За Михаилова нема постапка за лекување во странство, се врши надзор во нејзината здравствена документација
-

Тема на денот со Сашо Клековски, министер за здравство
-

Синдикалната кошница над 70.000 денари, Ристески: најголем дел од населението зема плата околу просечната
-

Кривична против Јани Макрадули – Штета во Пошта од близу 11 милиони денари
-

Нови 100 амбулантни возила за цела Македонија
-

Нова понуда за професионалните војници – До пензија да останат во АРМ
-

Oдложено рочиштето за Државна лотарија поради отсуство на сведокот на обвинителството
-

Правосуден испит на македонски јазик
