По две недели молк директорката на ФЗО се појави во јавност за да каже дека истрагата е во тек
За најголемата хаварија во здравствениот систем во тек е истрага од МВР и Обвинителството. Ова беше одговорот на директорката на Фондот на сите новинарски прашања за сајбер нападот кој ги остави пациентите без лекови, родилките без пари а медицинскиот персонал без плата.
По 14 дена молк, Филиповска Грашковска излезе на прес конференција за да каже дека системот е вратен а податоците на осигурениците биле безбедни. Ги нарече шпекулации сите информации на оваа тема иако не даде детали од каде се хакерите и дали платиле откуп.
-Граѓаните да бидат спокојни, податоците не беа украдени тоа се шпекулации, податоците се безбедни и заштитени во фонодот. Во моментот во тек е истрага за сите детали а кога истата ќе заврши ќе биде можно да се споделат и повеќе информации, изјави Магдалена Филиповска Грашковска директор на ФЗОРСМ
За враќањето на системите во фунцкија покрај економски оператори Фондот ангажирал и странски експерти – но засега е тајна колку пари им платиле за услугата.
-ИТ тимот и инженерите макотрпно работеа и успеаја да го вратат системот во рекордно време. Велам во рекордно бидејќи статистички на многу поразвиени земји им требале 20 дена за да ги вратат функционалностите, вели Грашковска.
Кој е крив за хаваријата и дали некој чувствува морална одговорност. Засега одговор за тоа нема.
-Не можам со прст да посочам некого. Истрагата е во тек и таа ќе покаже. Ако е човек ќе одговара човек, вели Грашковска.
Иако без конкретни одговори, Грашковска после 14 дена излезе во јавноста. Но столчето до неа наменето за вториот генерален директор е празно. Менаџерот Фатон Ахмети во време на најголемиот крах во системот е на одмор во Америка. За време на враќање на хакираниот систем се разболел и е на боледување и раководителот на ИТ секторот.
-

Сања Димитровска
Сите содржини од овој новинар
