Македонија
22. October 2022 - 19:42

По ЈСП, ќе има ли штрајк и во скопски Водовод?

Се враќаат на работа избрканите од скопски Водовод и канализација. 

Управниот одбор на претпријатието ги поништи незаконските решенија на директорот, а со одлука на одборот, се враќаат на старите работни позиции и вработените кои беа прераспределени. Но незадоволството кај нив продолжува и натаму ќе штрајкуваат се додека не си поднесе  оставка директорот. 

Рокот е до среда, по што ќе преземат порадикални мерки, а крајно се заканија и со неиспорачување на услугата до граѓаните. Од синдикатот велат, раководството под капа на градоначалничката Арсовска продолжува со закани за бркање од работа.  

Од управниот одбор за Сител велат, избрканите 93 вработени ќе бидат на работа до крајот на годинава. Програмата за вработувања која ја носи одборот не е изгласана на Совет на Град Скопје. Тие предлагале програма со нови 120 вработувања за 2023 со која би ги ангажирале и натаму овие работници, но поради последните случувања, овој план се уште не е усвоен. 

Во меѓувреме, политичките партии продолжуваат со меѓусебните обвинувања за состојбата ов која се наоѓа главниот град. СДСМ бара итна седница на совет, ВМРО-ДПМНЕ оставка од Арсовска. 

По бројните пријави за мобинг од вработени во претпријатијата кои пристигнале до претседателот на Советот на град Скопје, тој најави формирање на посебно тело кое ќе ги сослуша сите жалби. 

По последните случувања, нема реакција ниту од Директорот на Водовод, ниту од градоначалничката Арсовска.