Македонија
7. September 2025 - 16:34

По пожарот во Виница 25 лица побарале лекарска помош, 12 задржани на болничко лекување

12 хоспитализирани и 13  кои добиле лекарска помош и се на домашно лекување е епилогот од синоќешниот пожар во фабриката за кандирани производи во Виница. Со изгореници на долните екстремитети од прв и втор степен се четворица пожарникари кои при гаснењето се заглавиле во смола од стопен шеќер во еден од погоните. Еден од нив е пензиониран пожарникар од Виница, двајца се пожарникари од Свети Николе и од Штип и четвртиот – вработен во фабриката и дел од доброволното противпожарно друштво во Виница.  

- Сите се со изгореници на стапалата од прв и втор степен, значи со мала површина на изгореници на горната страна на стапалата. Сите носеле заштитна опрема што спречило посериозни опекотини на долните екстремитети. Во текот на денешниот ден направено е повторна проценка и дел од нив во договор со дежурниот тим што ги примил може ќе бидат пуштени на домашно лекување, вели Д-р Катерина паниќ Мирчовска, директор на општа болница Кочани. 

Две жени и шестмина мажи, сите вработени во фабриката синоќа биле транспортирани на  Токсикологија во Скопје поради вдижување на чад. Тие се на возраст од 23 до 53 години и веднаш им биле направени сите испитувања согласно протоколот за инхалаторни и респираторни повреди, велат од клиниката. 

- ЕКГ, лабораториски анализи, направен е рендген на бели дробови, анализи на гасови, ОРЛ преглед и е земен материјал за анализа на Институтот за трудова медицина. Инаку да напоменам дека во медицинскиот центар во Кочани како дел од прва помош на пациентите им била ординирана медикаментозна терапија и им била обезбедена кислородна поддршка. Според нашите првични клинички наоди и испитувања што им ги направивме на пациентите, тие се во стабилна состојба со лесна респираторна повреда, но се задржани за понатамошен третман и опсервација во тек на овие неколку дена, изјави Проф. д-р Жанина Переска од Клиника за токсикологија.

Останатите кои синоќа биле пуштени на домашно лекување, претходно неколку часа биле на опсервација на интерното одделение во кочанската болница. Иако заминале дома, лекарите им посочиле дека при било какви здравствени промени повторно да се вратат кај интернистите во болницата. Пожарникарка поради вдишување на чад била на лекарски преглед во болницата во Штип, но не е задржана на болничко лекување.