Почина двегодишното дете повредено во Шуто Оризари за новогодишната ноќ
Повеќе од 24 часовната борба за животот на двегодишното дете повредено за време на новогодишната ноќ, заврши трагично. Утрово околу 2 часот на Клиниката за неврохиругија во Скопје, малото дете им подлегна на тешките повреди на мозокот. Металниот фрагмент кој завршил во главата на детето се покажа како фатален.
МЗ „Интензитетот на деструкцијата на мозочното ткиво не дозволуваше хируршко лекување. И покрај максималните напори на медицинскиот тим, исходот беше трагичен, како резултат на многу тешките повреди на мозокот од страна на метално страно тело.“
Телото по наредба на обвинителствто е предадено на обдукција.
ОЈО „Во однос на починатото двегодишно дете, Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје издаде наредба за обдукција на телото“
Патолозите ќе испитуваат поради кои причини дошло до смртни последици, дали поради залутан куршум или пиротехника. Додека судската медицина го прави извештајот, МВР по наредба на ОЈО презема мерки за расчистување на случајот.
Детето неофицијално било со своите родители кога се случил инцидентот. Според исказот во полицијата, мајката и детето биле во својот двор за да го гледаат новогодишниот огномет. Во еден момент слушнала чуден звук по што забележала крв на главата на детето.
Лекарите вчера го оценија овој случај како еден од најтешките примени пациенти за време на новогодишната ноќ. Првични оценки на лекарите беа дека се работи за прострелна рана.
Министерот за внатрешни го потврди случајот за кој рече дека се истражува како и под кои околности дошло до инцидентот.
Во животозагрозувачка состојба е уште еден пациент од новогодишната ноќ. 30 годишниот маж кој бил пронајден кај Буњаковец, за кого лекарите рекоа дека веројатно паднал од висина, е се уште на интезивна нега.
Другите пациенти кои биле примени ноќта се надвор од животна опасност велат лекарите.
Новогодишната ноќ беше бурна за дежурните лекари во клиничкиот центар.
-

Мирјана Давидовска
Сите содржини од овој новинар
