Македонија
8. April 2022 - 16:31

Почина хрватски ракометар во Скопје

Која е точната причина за смртта кај 27 годишниот хрватски ракометар Денис Тот. Официјално од КАРИЛ велат дека ракометарот бил донесен во клиниката без знаци на живот. Лекарите се обиделе да го реанимираат но безуспешно. Д-р Маја Мојсова Мијовска вели момчето било примено без срцева акција но не можат да кажат колку време бил во таква  состојба пред да пристигне во Ургентен. Кај пациентот не биле пронајдени активни супстанци при направените крвни анализи. Од кои причини настапила смртта ќе покаже обдукцијата. Од Судска медицина ни потврдија дека кај нив согласно законот веќе е побарано и утре ќе почнат со обдукцијата.

Веста за ракометарот брзо се рашири во регионот а за причините поради кои починало момчето беа објавени неколку верзии. Првата информација за случајот беше дека Тот бил нападнат и претепан во еден скопски ноќен клуб, од извори блиски на ракометарот. Други пренесоа дека бил пронајден како лежи во тревник во близина на дискотека во центарот на Скопје, а бил забележан од страна на конобарка која ја повикала брзата помош. За начинот на кој бил пренесен во Ургентниот центар не добивме одговор од надлежните. Официјално од МВР соопштија дека кај момчето немало траги на насилство.

Во 4 часот и 11 минути од Клинички центар во СВР Скопје е пријавено дека кај нив во бесознание, без видливи траги на насилство е донесен Д. Т и веднаш му е пружена лекарска помош. СВР Скопје презема мерки за расчистување на случајот.

Сител стапи во контакт и со хрватската амбасада, од каде  ни соопштија дека се во комуникација со надлежните и повеќе од она што е веќе официјално соопштено тие не можат да споделат. Неговите родители пристигнале во Скопје. На социјалните мрежи последен поздрав упати неговиот брат, ракометниот голман Борис Тот, кој напиша: Прерано не напушти, ништо повеќе нема да биде исто без тебе.

Хрватските медиуми веста ја пренесоа дека под сомнителни околности настапила смрт кај 27 ракометар Денис Тот. За сега раководството на скопскиот ракометен клуб Бутел е недостапно за информации во врска со случајот на нивниот ракометар. Тот претходно играше во дресовите на Пореч, Бјеловар, Брук, Охрид а во Бутел почна да игра оваа сезона.