Живот
24. September 2025 - 10:00

Почина италијанската фимска икона Клаудија Кардинале

Иконата на италијанската и светската кинематографија, Клаудија Кардинале почина на 87 години. Нејзината смрт ја соопшти нејзиниот агент Лоран Саври, а синоќа веста ја потврди и министерот за култура на Италија, Алесандро Џиули.

Глумицата беше една од трите големи филмски икони на Италија, заедно со Софија Лорен и Џина Лолобриџида. Се здоби со меѓународна слава во 1960-тите, со филмови како „8 и 1/2“ на Федерико Фелини, Леопардот“ на Лукино Висконти и италијанската каубојска класика Добриот, лошиот и грдиот“ на Серџо Леоне. Во Холивуд, продолжи да глуми со ѕвездите на своето време: Марчело Мастројани, Ален Делон, Џон Вејн и Жан-Пол Белмондо. За време на нејзината долга кариера, таа се појави во повеќе од 100 филмови и освои бројни награди, вклучувајќи го Златен лав“ на Венецискиот филмски фестивал и Златна мечка“ на Берлиналето.

До неодамна Кардинале живееше во близина на Париз.

Таа е една од најголемите италијански актерки на сите времиња“, како што ја нарече Џиули. Неговата француска колешка, Рашида Дати, исто така, ѝ оддаде почит на почината глумица.

Французинка во срцето, муза на великаните таа со брилијантност отелотворуваше слобода, сила и елеганција“, напиша Дати на Икс“, потсетувајќи на погледот, гласот и аурата на Кардинале што засекогаш ќе бидат дел од историјата на киното“.

Кардинале е родена на 15 април 1938 година во Тунис, и е ќерка на сицилијански доселеници. Таа во Тунис говорела три јазика француски, арапски и сицилијански. Филмската дива го опишуваше своето детство во северноафриканската земја како златно доба“ полно магични мигови“. Ѕвездата неколку години живееше со италијанскиот филмски продуцент Франко Кристалди. Нејзина голема љубов беше и режисерот Пасквале Сквитиери, со кого имаат ќерка.

Кардинале беше и активистка за правата на жените. Како амбасадор на УНЕСКО и поддржувач на движењата како „#MeToo“, таа се залагаше за слобода, независност и за правата на жената.

 

МИА