Почина Мартин Треневски, новинар и поранешен министер и дипломат

Почина поранешниот министер, амбасадор и новинар Мартин Треневски, соопшти неговото семејство. Треневски беше роден во 1949 во Скопје и во текот на својата богата професионална кариера остави значаен белег во новинарството, државните институции, дипломатијата и врските со македонското иселеништво.
Треневски дипломирал на Филолошкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, на групата англиски јазик и литература. Постдипломски студии по масовни комуникации и информирање посетувал на Институтот за социолошки и правно-политички истражувања и стекнал звање магистер по политички науки.
Новинарската кариера ја почнал во Скопје со текстови во повеќе дневни, неделни и месечни информативни гласила. Професионалниот врв во новинарството го достигнал во тогашната агенција ТАНЈУГ, каде во 1986 година бил именуван за дописник од Австралија и Јужниот Пацифик. Во тој период активно ја следел и афирмирал македонската заедница во Австралија. Како публицист и истражувач Треневски е автор на голем број дела.
Со осамостојувањето на Република Македонија, Мартин Треневски беше именуван за министер за информации во првата влада на Република Македонија. Подоцна, како министер во Министерството за иселеништво, работеше на унапредување на врските меѓу државата и македонското иселеништво во светот. Беше амбасадор на Република Македонија во Шведска, Норвешка, Финска, Естонија, генерален конзул во Торонто, Канада, и македонски амбасадор во НАТО.
Треневски беше активен и во политичкиот живот како член и активист на ВМРО-ДПМНЕ од почетоците на партијата.
За својата работа како новинар, публицист и дипломат е добитник на повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, меѓу кои и највисоката новинарска награда во Македонија – „Мито Хаџивасилев-Јасмин“ во 1983 година.
Погребот ќе биде утре (27 мај 2026) во 13:00 часот на Градските гробишта Бутел.
МИА
Ново на Сител
-

Бензините и екстра-лесното поскапуваат за 0,5 денари, цената на дизелот останува иста
-

Претстои нестабилно време со пороен дожд и засилен ветер, преодно стабилизирање од петок
-

Трагедија кај Кочани: Млад мотоциклист загина во сообраќајна несреќа
-

Авганистанец силувал 11 годишно девојче во училиште за посебни потребни во Кобленц
-

Средба Мицкоски - Пленковиќ во Охрид, ќе бидат потпишани договори за стратешка соработка
-

Со автобус во првиот квартал превезени 9.348.000 патници
-

Потпишан меморандум за соработка помеѓу ЦУК и УХМР
-

Премиерот Мицкоски го пречека хрватскиот колега Пленковиќ
