Македонија
23. October 2016 - 16:17

Почна изградбата на бункерот за акцелератор во ГОБ ,,8. Септември‘‘ - инвестиција од 2 милиони евра

Пациентите со малигни заболувања зрачна терапија ќе добиваат и во ГОБ 8 септември. Денеска беше поставен камен темелник на бункерот во кој ќе биде сместен линеарниот акцелератор. Градежните активности се очекува да финишираат за околу 9 месеци, во меѓувреме ќе се обучува кадарот. Потоа  ќе следи период на подготовки за добивање дозвола за работа, а со  здравствени услуги ќе се стартува за година и половина.

- Акцелераторот е веќе набавен. Технологијата на работа налага прво да се набави акцелератор, да се знае каков е тој, а потоа врз основа на тоа се прави посебен елаборат и се почнува проектирање. Очекуваме градбата да трае осум до девет месеци и потоа да се монтира акцелераторот, по што почнува период на т.н. комисионирање во кое треба да се направат сите потребни подготовки согласно протоколите кои ги налагаат за да се отпочне со работа и да се добие дозвола од страна на Агенцијата за радиоциона сигурност, изјави Никола Тодоров, вицепремиер и министер за здравство.

Ова е 4-ти акцелератор во државата.

- Тука затекнавме сериозно лоша состојба на долго време на чекање - шест, девет месеци, а во еден период и до една година. Во еден период и воопшто немаше ниту еден акцелератор во државата, па пациентите беа принудени на свој трошок да одат во странство. Тоа беше во 2005, 2006 година. Потоа се реорганизиравме и сега времето на чекање е три дена, период кој е потребен да се направи план за еден пациент. Тоа значи практично нема време на чекање за зрачна терапија што ја издвојува Македонија во однос на сите останати земји во регионот, рече Тодоров. Ако направиме компарација за тоа колку се чека за зрачна терапија во други земји, нагласи, ќе видиме дека Македонија во овој сегмент има направено сериозно значаен исчекор и го има сведено времето на чекање за зрачна терапија на минимум односно може слободно да кажеме дека во Македонија нема листи на чекање за зрачна терапија, изјави Никола Тодоров, вицепремиер и министер за здравство

Вкупната инвестиција за изградбата на бункерот и набавката на акцелераторот лини околу 2 милиони евра. Во иднина во ГОБ 8 септември се планира и отворање на онколошко одделение.