Почна МТФ „Војдан Чернодрински“ - Коневски-Руси, Тодоровски и Михајлова наградени за животно дело
Со претставата „12“ на МНТ, во Прилеп, се отвори 59-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. Годинава наградите за животно дело ги добија актерите Снежана Коневски-Руси, Гоце Тодоровски и Соња Михајлова. Истакнаа што значи Фестивалот за Македонија, но упатија совети и мали критики до помладите колеги.
„За мене овој Фестивал пред се е празник и вреднување на театарската уметност и влогот во театарската уметност на театраските уметници, како дел од културниот идентитет на Македонија“, рече Соња Михајлова, добитник на награда за животно дело.
„Сите велат што совети дава Снешка? А јас велам дека јас не го слушав ниту советот на мојот татко. Што значи секој прави она што сака. Снешка сакаше и едно и друго и трето, а тато сакаше право, а Снешка отиде криво, на ФДУ, па потоа во радио, па не во радио па театар, па не во театар па на академија и веројатно тоа е најмногу што сакаш да си на сцената да ја видиш публиката, да го чуеш аплаузот и да тераш напред“, додаде Снежана Коневски-Руси, добитник на награда за животно дело.
„Да се дружат повеќе меѓу себе, да работат повеќе меѓу себе на улогите и да се дадат целосно, а не изиграј ја улогата и оди си дома или во кафиќ или ваму таму. Јас после претстава половина час сум останувал во гримиорната за да се вратам себеси назад од што бев излезен од самиот себе играјќи ја улогата. Јас кога играм улогата бев јас“, изјави Гоце Тодоровски, добитник на награда за животно дело.
Фестивалот го отвори министерот за култура Зоран Љутков, кој рече дека „Војдан Чернодрински“ е нашиот најзначаен театарски фестивал и истиот треба да се врати како во времето пред 20-тина години.
„Не е само обичен Фестивал на времето „Војдан Чернодрински“ беше и празник за сите актери, сите театри во Макердонија беа буквално затворени во тој период и беа преселени тука во Прилеп и Прилеп живееше во духот на театарот“, изјави Зоран Љутков, министер за култура.
Годинава ќе има 9 претстави во официјалната конкуренција и 5 во офф програмата. А ќе има и повеќе пропратни активности.
„Сакам да ја поздравам новата програма драмолетање, имаме и детска зона, тоа е 10 часот наутро до 12 часот кај Градскиот саат. Го имаме „Прилеп во фокус“ за мене најубавата активност на овој фестивал, во недела навечер пред Градскиот саат ќе започнеме да го мапираме „Прилеп како град во фокус“, рече Ана Стојановска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“.
Прилепската публика е желна за театар.
„Едно карактеристично обележје на Прилеп помеѓу другото е и театарскиот фестивал кој што се одржува по 59 пат и Прилеп надвор од Македонија е познат по него“, додаде друг посетител.
„Треба да продолжи оваа традиција и реално му треба нов театар на градот за да може сите тие таленти да имаат свое место за да може да се промовираат“, додаде друга посетителка.
Но дали и кога Прилеп ќе добие нов театар или дали ќе се реновира и стариот театар засега нема конкретен одговор.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар