Почна селекцијата на пациентите за кубанската вакцина против рак на белите дробови
Кубанските вакцини против рак на белите дробови дополнително ќе се испитуваат и во Македонија. Иако првите количини се очекува да стигнат до Нова година, вакцината ќе почне да се применува во првата половина од јануари, официјално потврдија од Агенцијата за лекови.
- Значи самиот процес на анализа и контрола на квалитетот на вакцината ќе трае една недела, можеби и десетина дена, и дури потоа, кога ќе се увериме во нејзиниот квалитет, сигурноста и безбедноста, ќе биде аплицирана кај пациенти кои доброволно ќе потпишат согласност за тоа, затоа што вакцината се уште е во трета фаза на клинички инспитувања, значи не е регистрирана во Европа и ние мораме да имаме согласност од пациентите кои ќе ја примат, изјави Марија Дарковска Серафимовска, директор на Агенцијата за лекови и медицински средства на Република Македонија.
Во меѓувреме на Клиниката за онкологија почната е селекцијата на пациентите кои ги исполнуваат условите за добивање на вакцината. Во постапката се вклучени и претставници од Куба каде е создадена истата.
- Оние кои имаат оправданост за примена на вакцината, се пациенти кои се новодијагностицирани во трети или четврти стадиум на болеста, таму каде немате алтернативна друга терапија која треба да ја понудите и кои претходно не примале хемотерапија. Тоа се условите кои треба да бидат исполнети за еден пациент да може да ја добие оваа кубанска вакцина, посочи Дарковска-Серафимовска.
Пред да ја добијат вакцината пациентите треба да потпишат писмена согласност. Истата вакцина пред една недела почна да се применува и во соседна Србија, таму ќе бидат третирани 30 болни од рак на белите дробови.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
