Почнува Богородичниот пост

За православните христијански верници денеска почнува двонеделниот Богородичен пост, кој е посветен на Успението на Пресвета Богородица. Овој пост е востановен во молитвено сеќавање на Пресвета Богородица, а со цел во периодот на неговото времетраење уште поинтензивно да се изискува молитвеното застапништво од Пресветата Богомајка.
По својата временска должина тоа е најкраткиот од четирите годишни пости и трае 15 дена, односно секоја година започнува на денот на прославувањето на светите седум макавејци (1/14 август), а завршува на благденот Успение на Пресвета Богородица (15/28 август).
Сигурни сведоштва за оформувањето на Богородичниот пост најнапред наоѓаме во списите на Теодор Студит (IX век), а тој е конечно утврден од Светата Црква на Цариградскиот собор во 1166 година, иако верните уште многу векови порано пребивале во пост исчекувајќи го денот посветен на Успението на Богородица.
Богородичниот, односно Успенскиот пост настапува еден месец по празнувањето на Соборот на светите апостоли Петар и Павле, а пред големите празници на Преображението Господово на гората Тавор и Успението на Божјата Мајка (познат во нашиот народ и како Голема Богородица). За разлика од Великиот и Петровденскиот пост, овој пост не започнува секогаш од понеделник, односно неговиот почеток може да се случи во кој било ден од седмицата.
Овие пости не се толку строги како Великиот, но се построги од Петровденскиот и Божикниот пост. Црковниот типик пропишува од понеделник до петок храна без масло, а во саботите и неделите се дозволува вино и масло. До празникот Преображение Господово, кога во храмовите се осветува грозјето, Црквата нe задолжува да се воздржуваме од тој плод.
На празникот Преображение Господово, според црковниот типик на трпезата се дозволува риба.
И покрај постоењето на ориентирни правила во однос на позволените и забранети продукти за исхрана, никогаш не смее да се заборави дека сржта на православната антропологија е во тоа дека од човекот не треба да се стори проста маса, туку секој е и треба да остане конкретна личност.
Оттаму, „строгоста“ на личното применување на физичката страна на постот зависи од личносниот совет од духовниот отец кон своето духовно чедо. Константата, пак, која треба да се следи во секој повеќедневен пост, а која никако не се „разблажнува“ е духовната страна на постењето.
Духовниот пост секогаш подразбира одрекување од сите облици на грешни и зли мисли, желби и дела, додека телесниот пост е само неопходно помошно средство за успешна духовна борба против страстите.
Во овие две недели, Црквата нè повикува на: воздржување од мрсна храна, покајание и молитва, исповед и причест, љубов, смирение и простување.
Денот на празнувањето на Успението на Пресвета Богородица, 28 август, е неработен за граѓаните од православна вероисповед во земјава.
МИА
Ново на Сител
-

Македонските одбојкари со триумф над Израел
-

Се предлага зголемување на помошта за новороденчиња: 18.450 денари за прво, 36.900 за второ и 52.275 денари за трето дете
-

Ги запалил дипломатските возила и побегнал - Поднесено обвинение за нападот пред Бугарската амбасада
-

„Ладна Вода“ нов партнер на македонските фудбалски репрезентации
-

Собрани три тона отпад во акција за чистење на булеварот „Борис Трајковски“
-

Јаневска: Ранг-листите за студентските домови се јавно објавени, тврдењата за нивно криење се дезинформации
-

Јавните обвинителства лани поднеле 334 повеќе обвиненија во споредба со 2024
-

Савески: Еден обвинител работи за тројца, но квалитетот на одлуките не е нарушен
