Македонија
2. July 2025 - 9:03

Почнува собраниската расправа за ребалансот на Буџетот

Расправата во Собранието по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година, во второ читање, почнува денеска на седницата на Комисијата за финансирање и буџет. 

Десет дена трае општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет. Според информациите објавени на собранистака страница, за Предлог-буџетот се поднесени над 200 амандмани од овластени предлагачи.

Со Предлог ребалансот што го усвои Владата на 19. месецов вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата се очекува понатаму да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти.

Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.

-Измените и дополнувањата на буџетот за 2025 година се потврда на фискалната политика која ја водиме во изминатата година и со која обезбедуваме консолидација и стабилизирање на макроекономската состојба. Економската активност добива на динамика и забрзува, таквиот тренд ќе го одржиме и во наредниот период со политиките кои се планирани со Ребалансот. Дисциплинираниот пристап во управувањето со јавните финансии ќе продолжи, буџетскиот дефицит останува непромент и во апсолутен износ и како процент од БДП и е понизок од остваренито дефицит минатата година, внимателен и сериозен пристап применуваме и во управувањето со јавниот долг, а за тоа најважен показател е намалувањето од 36 милион евра регистрирано во првиот квартал од 2025 година, рече министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на прес-конференцијата на која го претстави Предлог ребалансот на Буџетот.

Фајнанс тинк во вчера објавениот коментар за ребалансот на Буџетот го реафирмира ставот дека проектираниот раст на даночните приходи од 12,6 проценти, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на проектираната реална стапка на раст на БДП и (ревидираната) стапката на инфлација, е амбициозен.

Во таа насока, посочува, говори и реализацијата на даночните приходи во првите пет месеци од годинава која изнесува 37,6 проценти (споредено со пропорционален процент на остварување од 41,7 проценти), слично со остварувањето кај приходите од ДДВ (36,9 проценти), акцизите (34,4 проценти) и увозните давачки (36,6 проценти), а кои, потенцира Институтот, претставуваат директен одраз на пулсот на економијата.

Според Фајнанс тинк, сепак, вредно за обележување е дека неданочните приходи се зголемуваат во износ од 4,2 милијарди денари, кои во значаен дел се остварени од финансискиот резултат на Народната банка, обезбеден преку законски измени порано во текот на годинава со кои се овозможи 85 проценти од финансискиот резултат на Народната банка да се уплаќа во Буџетот на државата.

Со ваквото зголемување на буџетските приходи се овозможи зголемување на буџетските расходи, и тоа најмногу кај платите на јавната администрација (830 милиони денари), стоките и услугите (1,8 милијарди денари) и пензиите (2,5 милијарди денари).