Почнуваат 65-тите Струшки вечери на поезијата

Со традиционалното садење дрво и поетско читање во Паркот на поезијата во чест на добитникот на „Златен венец“ за 2026 година, холандската поетеса Анеке Брасинга денеска во Струга почнува 65-тото издание на Струшките вечери на поезијата.
Официјалното отворање на манифестацијата ќе биде вечер со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т`га за југ во Домот на поезијата, а ќе продолжи со Меѓународното поетско читање „Меридијани“. Годинашното мото на Фестивалот, кој ќе трае до 29 јуни е „Каде што живее поeзијата“, е под покровителство на претседателката на Република Македонија Гордана Сиљаноска Давкова, финансиран од Министерството за култура и туризам.
Во рамки на фестивалот денеска ќе биде отворена и изложбата „Цвеќе, поезија, мир“ на македонскиот уметник и хуманист Живко Поповски – Цветин, со која ќе одбележи 40 години учество на Струшките вечери на поезијата.
Годинашното фестивалско издание, според раководството на Струшките вечери на поезијата, е подигнато на повисоко организациско ниво, ќе трае ден подолго од претходните години и го враќа форматот на професионален фестивал.
- Програмата опфаќа меѓународни поетски читања и промоција на 12 публикации од издавачката дејност на Струшките вечери на поезијата, меѓу кои и луксузната тријазична монографија посветена на на добитничката на „Златен венец“ за 2026 година, холандската поетеса Анеке Брасинга, соопшти СВП.
Според информацијата, предвидени се и поетски читања на авторите од потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година, портрет на минатогодишната добитничка на ова признание, Јулијана Величковска, како и промоциија на книгите од едицијата „Плејади“ и книгата „Венецоносци – разговори на брегот“ од Диме Ратајкоски, која содржи со интервјуа со добитниците на „Златен венец“ и други истакнати поети што биле дел од фестивалот во периодот од 2012 до 2018 година.
- Ќе бидат промовирани и книгите „Нови познати фрази“ од Даниел Хајндс од Обединетото Кралство, добитник на наградата „Мостови на Струга“ и „Рајсфершлус“ од Јулијана Величковска, минатогодишна добитничка на наградата „Браќа Миладиновци“, како и книги со избор од творештвото на неколкумина значајни светски поети: Луис Гарсија Монтеро од Шпанија, Питер Мекеј од Обединетото Кралство, Михаел Кригер од Германија, Шји Чуан од Кина. Ќе биде претставена и фестивалската антологија „Кој е кој - поезија од пет континенти“ како и две книги на поетите од платформата ВЕРСОПОЛИС, поддржана од Креативна Европа, стои во соопштението на СВП.
Покрај поетските читања, додаваат, неизоставен дел од манифестацијата се и поетското кафе и средби со издавачи, агенти и професионални посетители – ВЕРСОПОЛИС и со лауреатката, Анеке Брасинга, портрет на Даниел Хајндс, добитник на наградата „Мостови на Струга“ на СВП и УНЕСКО за 2026 година, читањето на поетите во конкуренција за наградата „Енхалон“, траддиционалното „Матине“ - меѓународно поетско читање и посета на Охрид и неговите знаменитости. На полноќ ќе се одржат традиционалните Ноќи без интерпункција, на кои ќе настапат поетите застапени во антологијата на македонската поезија „Камен и земја“, приредена од Иван Џепароски на сцената во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“.
Традиционално, поетски портрет на поетот-лауреат на „Златен венец“ на СВП 2026, Анеке Брасинга (Холандија) ќе се одржи во сабота во црквата „Света Софија“ во Охрид.
Официјалното затворање на манифестацијата е во недела со меѓународно поетско читање и свечено врачување на наградите „Златен венец“, „Браќа Миладиновци“ и „Мостови на Струга“ на Мостот на поезијата.
Фестивалот ќе заврши во понеделник со поетско матине во винарската визба „Тиквеш“ во Кавадарци.
На јубилејното издание на СВП околу 70 поети, критичари, преведувачи и литературни работници од земјава и странство, ќе имаат единствена можност да творат, да се инспирираат и да создаваат нови стихови покрај брегот на Охридското Езеро и водите на реката Црн Дрим во амбиент што со децении ги обединува поетите и љубителите на литературата од сите меридијани. Градот на мостовите и оваа година ќе биде светска престолнина на поезијата, место каде зборот станува мост меѓу народите, а уметноста – универзален јазик на поврзување. Во рамките на манифестацијата ќе бидат промовирани 14 наслови, изданија на НУМ Струшки вечери на поезијата.
Покрај лауреатот на највисокото фестивалско признание „Златен венец“ Анеке Брасинга од Холандија, добитникот на наградата „Мостови на Струга“, британскиот поет Даниел Хајндс, на јубилејното фестивалско издание учество ќе земат еминентни поети од Македонија, Грција, Турција, Бугарија, Австралија, Албанија, Холандија, Италија...
МИА
Ново на Сител
-

Екстрадиран Саит Саитов кој во јануари избега во Србија откако прегази жена во Капиштец
-

Лавров: САД сакаат да го купат европскиот дел од Северниот тек
-

Туск: Можеби е подобро што Зеленски поради војната со ордените не доаѓа утре во Гдањск
-

ЦУК: Еден пожар активен, еден ставен под контрола, седум изгаснати
-

Мерц: Поддржете ја мојата пензиска реформа или ќе пропуштите шанса што се случува еднаш во генерација
-

УЈП: Наближува рокот за поднесување на првите даночни пријави врз основа на Законот за минимален глобален данок на добивка
-

Собранието не ја прифати интерпелацијата за министерот Тошковски
-

Инцидент во Црниче: По недоразбирање во сообраќај, возило удрило моторциклист па избегало од местото
