Македонија
14. April 2026 - 16:33

Поевтинуваат горивата

Поевтинуваат и бензините и дизелот. Регулаторната комисија ги донесе новите цени на горивата. Од полноќ цената на БС-95 и 98 се намалува за денар и пол и ќе се продаваат по 82 и 84 денари. Дизелот, пак, поевтинува за два и пол денари и ќе чини 95,5 денари.

Цените се максимални, но поради попустот кој е во сила до крајот на април, на најголемиот дел од бензинските станици 95-ката ќе се точи за 80 денари, 98-октанскиот за 82 денари, а дизелот ќе се продава за 92,5 денари по литар. 

Ова е прва одлука на Регулаторна откако нејзин претседател стана Ацо Ристов. Денеска тој ја презеде функцијата од заменик претседателот Сулејмани. Била одржана и средба со членовите на комисијата. 

- Во фокус на состанокот беше начинот како РКЕ делува во време на ценовна нафтена криза и мерките кои се преземени со цел амортизирање на ценовниот удар на нафтените деривати – информираа од РКЕ.

Владата, пак, треба да го добие извештајот од Министерството за економија за спроведените конотроли на пазарниот инспекторат, од февруари до април. Направени биле над 140 надзори на целиот синџир на снабдување: производители, увозници, дистрибутери, маркeти. Извештајот треба да покаже што и колку поскапело и врз основа на тоа да се носат мерки. Досега, како опција, беше спомнато замрзнување на маржите и укинување на ДДВ-то на основните производи кои сега имаат стапка од 5%. Но, денеска мерки нема да се носат. 

- Јас нема да ја водам денешната седница на Владата поради други обврски коишто ги имам. Инаку очекувам да го добијам извештајот и да го изанализираме овие денови. И откако ќе го анализираме многу внимателно тогаш сигурно ќе излеземе со одредени мерки. Сакаме тие овој пат да бидат микротаргетирани – кажа Мицкоски.

Инаку Државна статистика минатата недела пресмета раст на годишната инфлација во март од 4,9%. Најголем пораст е забележан кај храната и пијалоците.