Покана за распит на Билјана Ивановска
Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија Билјана Ивановска, која вчера објави своја кандидатура за општина Центар преку новофомираните „Независни заедно“ денеска обвинува за притисок врз нејзе. Таа во објава на Фејсбук тврди дека синоќа, само по 11 часа од објавата дека влегува во градоначланичката трка, ја посетиле полицајци за да и врачат покана да даде исказ во обвинителство.
„Утринава веднаш појдов да ја подигнам Поканата од ОЈО Скопје за да видам за што станува збор. Ме повикуваат на разговор на 19 август. Јас немам што да кријам, имам чиста совест и не се плашам од никакви закани и ниски удари и притисоци. Мојата цел е достоинствен живот во Центар и нашата битка заедно со „Независни заедно“ е отпор против воспоставените антивредности на коруцпија и клиентелизам кои нè доведоа до оваа ситуација “, пишува Ивановска.
Од обвинителството пак, тврдат дека случајот нема политичка позадина и е од пред половина година. За да не чувствува притосок, од обвинителството велат дека Ивановска може да даде исказ дури по изборите.
„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје постапува по приватна кривична пријава поднесена на 18.02.2025 година и презема дејствија за да ги провери наводите. Како едно од дејствијата е испитување на наведеното лице кое во периодот на кој се однесува пријавата била претседателка на ДКСК. Поканата за испитување од обвинителството е испратена на 25.07.2025 година и на ниту еден начин не може да се доведе во релација со политичките активности на поканетата“.
„Во меѓувреме, со оглед на нејзината јавна реакција, надлежниот јавен обвинител телефонски ја контактираше Ивановска и и даде можност доколку сака и доколку исказот во јавното обвинителство го чувствува како некаква форма на притисок, истиот да се одложи до завршување на изборите“, информираат од Обвинителството.
Од таму велат дека нема ништо невообичаено што полицајци и ја доставиле поканата на Ивановска бидејки имале проблем со редовната достава преку пошта. За тоа зошто ја повикале поранешната антикорупцинерка дури по 6 месеци од кривичната пријава, надлежните појаснуваат дека изминатиот период биле преземени многу дејствија, прибавен е предмет од Антикорупциска, а биле извршени распити и од други лица.
-
Катерина Нешкова
Сите содржини од овој новинар