Македонија
9. September 2026 - 16:33

Пола милијарда долари во зелена енергија

Премиерот Христијан Мицкоски денеска ја посети компанијата „Алказар Енерџи“, која го реализира проектот за изградба на ветерниот парк на територијата на Штип, Радовиш и Карбинци. Во рамки на посетата, Мицкоски беше информиран за текот на реализацијата на инвестицијата и идните активности на терен. Станува збор за инвестиција во обновлива енергија со планиран капацитет до 396 мегавати, која треба да донесе значително производство на зелена електрична енергија. Но, според премиерот, Македонија има пророден ресурс кој доколку се искористи во целост, значително ќе котира на европскиот енергетски пазар.

- Потернцијалот кој што го имаме ние како држава, да го инвестираме во производни капацитети, а потоа да го произведеме во електрична енергија е еднаков на 24 терават часови и тоа може како бројка не значи ништо, но кога сетоа тоа би се помножило со цената на електричната енергија зборуваме за околу 2 милијарди евра бизнис годишно, кој треба да го зголеми македонскиот БДП и да контрибуира позитивно во македонската економија, изјави Христијан Мицкоски, премиер на Влада

Проектот е вреден повеќе од половина милијарда долари, кој според најавите треба да донесе и нови работни места, но и значително зголемување на производството на електрична енергија од обновливи извори.

- Кога ќе биде оперативен ветерниот парк, ќе обезбедува електрична енергија за 148 000 домаќинства, ќе бидат заштедени околу 570 000 тони ЦО2 во атмосферата, а ќе бидат отворени 300 работни места за изградба и  кога ќе биде ставен во функција, изјави Даниел Калдерон, ко-основач и управувачки партнер на „Алказар енерџи“ 

Подоцна премиерот присуствуваше на отворање на спортскиот центар „Џексон“ во централното градско подрачје на Штип.

- Овој проект го започнавме на почетокот на мандатот на оваа Влада и еве конечно го завршувам, го ставаме во функција. Она што би рекол, страничен настан, но не помалку важен, беше потпишување на спонзорството помеѓу „Алказар енерџи партнерс“ и КК од Штип, така што кога постои синергија помеѓу бизнисот, локалната заедница, граѓаните и општината се создаваат убави дела, изјави Мицкоски

Спортскиот центар е современ мултифункционален објект со капацитет за околу 1.200 гледачи, наменет за кошарка, одбојка и големи спортски и културни настани.