Македонија
16. October 2026 - 11:20

Полициски пресретнувач го сними со 188 км/ч на автопатот Гостивар – Тетово: Уапсен 27-годишник од Гостивар

Полициски пресретнувач регистрирал мотоциклист кој се движел со брзина од 188 километри на час на автопатот Гостивар – Тетово, на делница каде што максималната дозволена брзина изнесува 80 километри на час.

Како што информираат од Министерството за внатрешни работи, случајот бил регистриран вчера (15 октомври), околу 16:20 часот, кога полициски службеници од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот, со помош на специјално полициско возило – пресретнувач, забележале мотоцикл „јамаха“ со гостиварски регистарски ознаки, кој се движел со дури 108 километри на час над дозволената брзина.

Возачот, 27-годишниот В.Б. од Гостивар, бил лишен од слобода поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Против него ќе следува соодветна постапка.

Од МВР најавуваат дека продолжуваат засилените сообраќајни контроли со полициски пресретнувачи низ целата држава, со цел откривање и санкционирање на несовесните возачи.

Воедно, апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и ограничувањата на брзината, потсетувајќи дека пребрзото возење е една од главните причини за сообраќајни несреќи со тешки последици.

 
 
 
 

 
 
 
 
 
 
 
 
 
 
 

A post shared by Сител ТВ (@sitel.tv)