Македонија
25. December 2025 - 16:42

Политички обвинувања за градење згради во Дубаи, но и за србофобија

Четириесет катницата во Дубаи која според ВМРО-ДПМНЕ ја гради Зоран Заев и денеска беше во фокус на обвинувањата на владејачката партија. Прашуваат дали во бизнисот со станови партнер му е и лидерот на СДСМ, Венко Филипче и дали поради овие инвестиции Филипче ја добил златната виза за Дубаи?

Од СДСМ пак им возвраќаат дека ако треба ќе им нацртале дека Зоран Заев не е политички активен веќе пет години во партијата и е слободен граѓанин.

- ВМРО Ванчовистичка не може, или можеби не сака да сфати дека Зоран Заев не е политички активен веќе пет, нагласуваме 5 години. Ако треба да дојдеме и да им го нацртаме тоа тука сме. Затоа не разбираме, или премногу добро разбираме (дефокус), зошто упорно ѝ се обраќаат на СДСМ со прашања за слободен граѓанин на Македонија Зоран Заев.

За неколку дена влегуваме во 2026 година. Ако на ѕидот сè уште ви стои стар календар од 2016 година, време е да го смените.

Откако СДСМ во изминатите соопштенија ги споредуваше политиките на ВМРО-ДПМНЕ и српскиот претседател Вучиќ, со обвинувања се јави и нивниот поранешен член, Саша Богдановиќ. Социјалдемократскиот сојуз напаѓал независна држава, а соопштенијата им ги пишувал задоеник со усташка идеологија.

- Како припадници на српската заедница секогаш сме давале придонес за развој во разни полиња во државата и така ќе биде и во иднина но, очигледно на некоја група во СДСМ која најверојатно треба да се докаже на некој србофоб и србомрзец свесно од рани утрински часови па до доцна навечер во скоро секоја втора или трета објава споменува српски, Србија, срби итн. Мислам дека треба во иднина преку правни механизми да се избориме против дискриминацијата и србофобијата која очигледно владее кај одредени луѓе во СДСМ.

Но од опозициската партија не му останаа должни ниту на Богдановиќ. Србофобија, усташтво, предавство за пари му ставија на контото на поранешниот градоначалник на Центар, од нивните редови.

- Поранешен член на СДСМ кој најпрво ја предаде партијата за пари, а потоа и Македонија за пари, сега си зема за право некого да таргетира и да го нарекува Усташ. Човек кој припаѓа на коалицијата ВМРО Ванчовистичка ЗНАМ, луѓе кои во Собранието ја изгласаа Резолуцијата за забрана на говорот по урнекот на Декретот од Третиот Рајх. Кога веќе ги спомнува усташите, нека прочита малку и кој соработувал со НДХ, се наведува во реакцијата.

Од СДСМ му порачаа на Богдановиќ дека Српската напредна странка не е Србија, ниту пак Вучиќ е единствениот Србин. Србија се нејзините граѓани, а не „банда криминалци со кои тој и ВМРО Ванчовистичка соработуваат“.