Поплавени земјоделски површини и куќи, се уште исклучително висок водостојот на Вардар во горното течение

По врнежите што ја зафатија земјава, најкритична е состојбата во село Форино кое е најпогодено од поплавите, информира утрово Центарот за управување со кризи (ЦУК). Поплавени се и земјоделски површини во селата Чајле, Турчане, Врапчиште и Беловиште. Во Југозападниот регион, во Кичево, на улица „Прилепска“ е регистрирано најголемо поплавување на куќи и евакуирани се 220 лица кои се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Заезерувања има и на улицата „29 Ноември“ во населбата Подварош каде се поплавени подруми во повеќе куќи. Поплавени се и објекти на болницата во Кичево. Организирана е достава на храна и вода за загрозените лица со поддршка на Црвен крст, а на терен активно работат екипи од полицијата, комуналното претпријатие и противпожарната служба.
Во Полошкиот регион, во Гостивар, екипи на противпожарната служба интервенирале цела ноќ поради обилните врнежи дожд и поплавувањата.
Според ЦУК, во Североисточниот регион, во Општина Липково, во дел од селото Опае поплавени се земјоделски површини поради излевање на Слупчанска река, при што засега нема пријавени материјални штети. Поплавени земјоделски површини има и во селото Оризаре. Во Куманово, во селото Доброшане на локацијата Шупли Камен, кај мостот на Кумановска река има насобрани пластични шишиња, но засега нема опасност од излевање на реката.
Во скопскиот регион, во Општина Сарај состојбата е мирна и се следи, додека во Општина Зелениково има минимално излевање на реката Вардар кај селата Пакошево и Ново Село без непосредна опасност
Во Југоисточниот регион, во Струмица, засега нема пријавени штети од врнежите од дожд. Пријавен е одрон кај селото Суви Лаки кон Берово и за истиот се известени надлежните служби, додека во Источниот регион, во Пробиштип, регистриран е прекин во снабдувањето со електрична енергија во селата Долни и Горни Стубол и екипи на ЕВН работат на отстранување на дефектот.
Според УХМР, изминатите 24 часа, до 07 часот утрово, најмногу врнежи имало во Гевгелија, 23 литри на метар квадратен, а најмалку во Прилеп и Тополчани, еден литар на единица површина. Измерени се и 20 литри на Попова Шапка, 17 во Крива Паланка и Штип, 13 во Скопје - Петровец и Лазарополе, 12 во Виница и Берово, 10 во Ѓуриште, 9 во Mаврови Анови, 8 во Kрушево и Пожаране, 7 во Тетово, 6 во Скопје - Зајчев Рид, 4 во Охрид и Велес, 3 во Струмица и Битола, како и 2 литра на метар квадратен во Кавадарци и Демир Капија.
Се уште е исклучително висок водостојот на реката Вардар во горното течение и се уште постои опасност од излевање на реката во тој дел. Како што информира УХМР, водостојот на река Треска изутринава е во намалување но е се уште исклучително висок и на критично ниво и постои опасност од излевање на реката на некои делници по течението. Исто така, реката Црна бележи зголемен водостој и во нејзиниот слив се можни локални заезерувања во Демирхисарско и Пелагонискиот регион во текот на денов. Водостојот на река Кичевска полека се повлекува но и таму остануваат сеуште дел на заезерени и поплавени површини. До крајот на денот се очекува висок водостој на река Вардар во горното и средното течение, а да има зголемувања во долното течение на реката кон Демир Капија и Гевгелија.
УХМР предупредува на внимателно движење покрај реките и суводолиците во текот на денешниот ден.
МИА
Ново на Сител
-

Нови правила за добивање субвенции: Трипуновски вели парите ќе одат само кај вистинските земјоделци
-

Владата утре под блокада - ССМ бара повисоки плати
-

Се санираат штетите од поплавите – најкритично во Кичево, Гостивар и Сарај
-

Од вечерва нови најави за врнежи од дожд и снег
-

Се засилуваат критериумите за добивање субвенции
-

Вештачка интелигенција во јавниот сектор – дали ќе ги замени работниците?
-

Ниски плати, поттик за егзодус на младите од земјата
-

Жените се повеќе се дел од науката, потребно креирање политики
