Македонија
16. July 2025 - 16:39

Поради дивоградбите, Ганиу може да ја изгуби поддршката на Вреди за нов мандат

Вицепремиерот Изет Меџити станува најсериозен кандидат на Вреди за градоначалник на Чаир. Неговото име веќе било користено на интерните партиски анкети за локалните избори, коментираат извори од албанскиот партнер во Владата.

Како што веќе објавивме, Висар Ганиу ги губи шансите за нова кандидатура особено поради објавите за незаконско легализирање на дивоградби во општината за време на неговиот мандат. Дополнително, партиските извори коментираат дека аргумент против него и е тоа што од ДУИ како свој кандидат за Чаир го споменуваат Бујар Османи – политичар од висок профил, па соодветно на тоа ќе мора да одговори и Вреди.

Покрај Меџити, како можни имиња за Чаир се споменуваат и генералниот директор на МЕПСО Бурим Љатифи, но и поранешниот економски директор на Градска болница – Бесим Кока.

Меџити не потврдува дека Ганиу е надвор од игра, но затоа пак, за негово можно враќање во локалната власт вели „сите карти се на маса“. Тој не е загрижен за тоа како ќе влијаат на рејтинзите акцијата на МВР или истрагите што ги води обвинителството за дивоградби , вклучително и за Чаир, се додека тие биле неселективни.

Претходно и Зекирија Ибрахими, исто лидер во Вреди објави дека кај албанскиот партнер официјално познати се само три имиња.

Во понеделникот пак, од Европскиот фронт на ДУИ брифираа дека е направена начелна поделба на општините меѓу Ахмети-Таравари и Села. Крилото на Таравари ги добива Гостивар, Сарај и Врапчиште,  додека она Села ги добива Струга, Дебар и Арачаиново. Останатите се на интегративците. ДУИ во Чаир се очекува да истрча со Бујар Османи, а во Тетово со Бајрам Реџепи.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче, пак, вчера објави дека во неговата партија се уште се размислува за кандидат за градоначалник за Скопје. Како можни кандидати ги спомена архитектот Мишко Ралев и поранешната министерка Каја Шукова, но и двајца други кандидати чии имиња не ги споменаа.

Од владејачката ВМРО-ДПМНЕ пак, сметаат дека никој во СДСМ не се нафаќа за губитничка позиција.

ВМРО-ДПМНЕ пак, е најнапред во процесот со објава на кандидати за градоначалници, вклучително и за Скопје – Орце Ѓорѓиевски. 

Локалните избори треба да се распишат околу 8 август, а првиот круг да се одржи на 19 октомври.