Македонија
21. December 2025 - 21:10

Поради маглата на скопскиот аеродром откажани 20 лета, два пренасочени, слетале 13 авиони, исто толку полетале

На Меѓународниот Аеродром Скопје, поради намалена видливост предизвикана од магла, од 00:00 часот на полноќ до 20 часот вечерва откажани се вкупно 20 летови (полетувања и слетувања), два се преносочени, а слетале 13 авиони и исто толку полетале, информира ТАВ Македонија.

Слетале авионите од: Дортмунд, Виена, Хамбург, Брисел, Белград, Загреб, Франкфурт, Венеција, Париз (Буве), Хамбург, Берлин, Минхен (Меминген) и Цирих. Реализирани се летови за: Виена, Белград, Загреб, Брисел, Хамбург, Баден-Баден, Франкфурт, Берлин, Варшава, Базел, Барселона, а за Рим (Фјумичино) и Малме ќе полетаат.

-Бидејќи временските услови се менуваат постојано и секоја авиокомпанија има свој праг на толеранција за слетување и полетување при намалена видливост, апелираме до сите патници да ги следат информациите и насоките за нивните летови кои ги добиваат од нивната авиокомпанија.За патниците и јавноста повторуваме: сите капацитети на Меѓународниот Аеродром Скопје се во функција и аеродромот е отворен за авиосообраќај. Нашиот персонал, со нашата аеродромска опрема и аеродромски системи работат 24/7 и се подготвени да ги услужат и авионите и патниците, велат од ТАВ Македонија.

Оттаму посочуваат дека промените во редовниот распоред на летање, се ажурираат на веб-страницата во реално време https://skp.airports.com.mk/, како што стигнуваат од авиокомпаниите. Доколку патниците имаат дополнителни прашања за нивниот лет можат да се обратат на пултот за информации во терминалната зграда или на телефонскиот број: +389 2 3148 333.

Од АМСМ, пак, во извештајот за состојбата на патиштата во 18 часот вечерва информираа дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.

Намалена видливост поради појава на магла до 30 метри има на патниот правец Жировница Луково, а до 150 метри во околината на Тетово, Штип, Петровец и Демир Капија, соопшт АМСМ, потсетувајќи дека во сила е законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба.

УХМР најави дека до крајот на денов по котлините ќе се задржи магливо. Појава на магла ќе има и утре по одделни котлини, исто така и задутре кога кон крајот на денот и во следните денови под влијание на серија влажни воздушни бранови ќе има повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни.

Поради спуштање на постуден воздух од север на планините и на некои од повисоките места врнежите ќе преминуваат во снег.

 

МИА