Поранешниот потпретседател за респираторни истражувања во Фајзер: Ковид вакцините се токсични

Д-р Мајкл Јидон, поранешен потпретседател за респираторни истражувања во фармацевтската компанија „Фајзер“ до 2011 година, изнесува остри обвинувања дека вакцините против Ковид-19 биле „токсични по дизајн“ и предизвикуваат тешки здравствени последици.
Ова е дел од неговото видео сведоштво објавено и на Јутјуб, а кое беше подготвено за потребите на граѓанската тужба во Холандија против поранешниот холандски премиер, а сега генерален секретар на НАТО, Марк Руте, директорот на „Фајзер“ Алберт Бурла, Бил Гејтс и уште 16 други лица.
Јидон има диплома за биохемија и механистичка токсикологија, а докторирал на респираторна фармакологија. Неговата работа во „Фајзер“ била да провери на молекуларно ниво како луѓето можат да бидат повредени од молекули што влегуваат во нивното тело — без разлика дали станува збор за индустриска, фармацевтска повреда или повреда од биолошко соединение.
Фармаколошкиот научник тврди дека не било возможно да се развие вакцина во временски период од 10 до 12 месеци, како што тоа го направиле четири компании во светот. Според него и неговото искуство, потребни се од пет до 10 години. Особено спорна за него е мРНК-методата на вакцините против Ковид-19.
-Е сега, релевантноста на ова е следново: тужените ни рекоа дека нивните производи базирани на гени, вакцините, ќе го натераат вашето тело да синтетизира или произведе дел од туѓ протеин — туѓ, нечовечки протеин. Тие го нарекуваат спајк-протеин (шилест протеин). Тоа не е важно. Важната поента е дека тоа не е протеин што нормално се наоѓа во вашето тело. Па, ако го инјектирате овој производ — мРНК (mRNA) обвиткан во липидни наночестички или производ базиран на ДНК — и го инјектирате тоа во човечкото тело, ако се исполни инструкцијата дадена со дизајнот на производот, вашето тело би произвело туѓ, нечовечки протеин и би го правело тоа во секоја клетка или ткиво каде што овој инјектиран материјал ќе се смести. Во моментот кога ќе го направи тоа, вашиот систем за самоодбрана ќе препознае дека во вашето тело има нешто што не треба да биде таму, што претставува закана за вас, и ќе тргне во војна – вели Јидон во видеосведочењето и продолжува:
-И дозволете ми само да истакнам: ако тој материјал што бил инјектиран заврши во вашата крв или крвните садови, таа активност на самоодбрана лесно може да резултира со згрутчување на крвта или прекин на протокот на крв низ ткивото — значи мозочен удар. Ако заврши во вашето срце и се случи таа жестока борба на системот за самоодбрана, лесно може да предизвика аритмија, воспаление како миокардитис, потенцијално дури и срцев удар. Ако тој материјал заврши во кој било дел од вашиот нервен систем и таа борба за самоодбрана за да се заштити вашето тело од туѓ напад, туѓа инвазија, може да го прекине текот и активностите на тие нерви и може да добиете Белова парализа или целосни мозочни удари или некаква ментална конфузија. И ако материјалот заврши во вашите јајници или тестиси, лесно може да предизвика неплодност. И причината зошто поминав низ таа листа е што тоа е мал список на некои од болестите од кои несомнено страдале некои луѓе инјектирани со овие материјали… И како што реков, јас не давам никакви суштински коментари за самите вакцини, освен што велам дека открив оти тие не се она што мислев дека се во 2020 година.
Јидон контроверзно тврди дека Ковид-19 воопшто не била нова болест, повикувајќи се дека нема ниту една студија која се однесува на самата зараза, симптоми, лекување, причинители и можни компликации.
Тој ја спори целата пандемија која, според него, била намерно прогласена од СЗО и владите, а во видеоисказот зборува дури и за „психолошка операција“. Она што прво го посочува Јидон за можен погрешен третман на болните е интубацијата и ставањето на пациентите на респиратор.
-Јас не сум лекар, но сум блиску до дисциплината пулмологија повеќе од 40 години. И можам да ве уверам во ова: ако пациент пристигне во болница и може да дише самостојно, така што неговиот дишен пат помеѓу устата и белите дробови не е блокиран — тоа се нарекува непрооден или прооден дишен пат — ако може да дише преку прооден дишен пат и нема повреда на ѕидот на градниот кош (прострелни рани, гмечење, убоди), никогаш, ама баш никогаш не го седирате, интубирате и вентилирате. Зошто? Бидејќи таа процедура, која спасува живот кога пациентот не може да дише, е опасна, груба процедура. И ако подложите 100 постари луѓе кои се прилично добри на тој третман и ги оставите така една недела, некои од нив ќе умрат. Толку е опасно – вели тој.
Јидон го спори и користењето на седативи или лекови за анксиозност, па дури и морфиум како дел од терапијата на старите луѓе, кои заедно со механичката вентилација тврди дека се смртна комбинација.
Поранешниот експерт на „Фајзер“ оди и уште еден чекор поконтроверзно, тврдејќи дека вирусите и не се патогени и не предизвикуваат заразни болести, за што веќе неколку години е изолиран од мејнстрим научната јавност.
Инаку, ова видеосведочење на Јидон и на уште тројца други сведоци беше објавено на Јутјуб од страна на адвокатот на тужителите Петер В. Х.
Стасен, со цел јавноста да ја процени нивната експертиза и мислење, откако Окружниот суд на Северна Холандија во Леуварден претходно го отфрли неговото барање овие искази да бидат прифатени како доказ, инсистирајќи сведочењето да биде лично и непосредно.
Во овој судски процес, Холандија во декември може да стане првата држава која по граѓанска тужба ќе треба да одлучува против поранешниот премиер на Холандија, сега генерален секретар на НАТО – Марк Руте, директорот на „Фајзер“ Алберт Бурла, но и Бил Гејтс, и која ќе треба да даде класификација на целата пандемија за Ковид-19.
Се работи за приватна тужба по која, по тригодишен спор, главната расправа заврши пред точно еден месец. Пресудата е најавена најрано за 9 декември, но поради сложеноста на предметот, од Судот се најавува дека таа може да биде објавена дури и во февруари 2027 година.
Суштината на спорот се однесува на наводите на тужителите за намерна измама и доведување во заблуда на јавноста за време на кампањата за вакцинација против Ковид-19.
Тужителите тврдат дека граѓаните биле изложени на штетни мРНК-вакцини без валидна информирана согласност и од судот бараат да утврди одговорност од 19 лица, меѓу кои и овие функционери, и да им додели отштета.
На петчасовната главна расправа никој од главните тужени не се појави лично, а нивните адвокати побараа тужбените барања да бидат целосно отфрлени како правно и научно неосновани.
МИА
Ново на Сител
-

Со акциски план ќе се бара решение за неконтролираното движење кравите низ Крива Паланка
-

„Блокадата е во Скопје, а не во ЕУ“, оценува директорот за проширување на Унијата
-

Институтот за историја одбележува 80 години постоење
-

Германија ја преполовува квотата за работници од Западен Балкан, помалку места и за Македонците
-

Факултетите ќе го платат долгот за струја
-

Вештачката интелигенција во правосудството – Помошник, не судија
-

Светска награда за „Безбеден град“
-

Историска средба меѓу Трамп, Си и Путин во Кина: „Мораме да учиме од историјата и заедно да ги решаваме проблемите“
