Македонија
19. November 2026 - 17:00

Германија ја преполовува квотата за работници од Западен Балкан, помалку места и за Македонците

Германија планира двојно да го намали бројот на работници од Западен Балкан кои ќе можат да се вработат преку олеснета постапка.

Наместо досегашните 50 илјади, од 1 јануари квотата би изнесувала 25 илјади работници годишно.

Промената ги засега и македонските граѓани кои бараат работа во Германија.

Предлогот германската Влада го усвои на 4 ноември, а за да стапи во сила потребна е согласност од Бундесратот, кој треба да расправа за него на 18 декември.

Од германската стопанска комора  велат дека нивен интерес е квалификуваните работници да останат во Македонија.

„И самите добро знаете дека имаме голем број германски инвестиции, фабрики кои вработуваат под одлични услови. Нашата цел е квалификуваните кадри да останат во земјата и тука да најдат работа соодветна на нивните квалификации“, вели Антје Ванделт, директорка на АХК Македонија.

И од Македонската Влада на ист став – младите да останат дома.

Заменик-министерот за економија смета дека одлуката на германската Влада можеби е последица на економската криза и падот на индустриското производство, особено во автомобилската индустрија, каде што има и масовни отпуштања.

„Секојдневно гледаме од медиумите како имаме масовни отпуштања на вработени токму во Германија, и можеби резултат на тоа и одлуката на германската Влада можеби ќе биде да ја намалат оваа квота, меѓутоа ние пак од друга страна сме пресреќни како држава доколку работоспособните, посебно младите работоспособни луѓе, останат и егзистираат тука во државата. Ние сè правиме како Влада и како Министерство за економија и труд, преку оперативниот план да имаме работен ангажман на млади луѓе“, изјави министерот.

Според податоците од германскиот Централен регистар на странци, заклучно со 31 декември лани, над 19 илјади македонски државјани имале дозвола за престој во Германија по основ на вработување.