Поранешниот правобранител Фехми Стафа е уапсен за земање поткуп од 50.000 евра за да влијае врз судија
Уапсен е поранешниот државен правобранител, Фехми Стафа. Му било дадено мито од 50.000 евра за да влијае врз апелационен судија за да му се укине притворот на Љупчо Пецов- Ѓаволот кој е во бегство и е осомничен за финансиски криминал во случајот Синџир, дознава Сител. Парите му ги давала сестрата на Пецов на две рати во рок од два месеци, а со дел од нив требало да го поткупи и судијата во Апелација.
Првично барал 100.000 евра за да влијае на судијата да му го укине притворот на лицето кое е недостапно на органите на прогонот и против кое Обвинителството за гонење организиран криминал води друга постапка за дела против јавните финансии, платен промет и стоманството.
На 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, што му ги предала сестрата на лицето во бегство. На 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот што го барал за да го даде на судијата. Непосредно по примањето на паричните средства осомничениот е лишен од слобода и кај него се пронајдени парите.
Поради опасност од бегство, можност да изврши нови кривични дела или да влијае на постапката, Обвинителството испрати предлог до судија на претходна постапка за определување на притвор.
Но дали на судијата му бил даден поткуп, дали пријавил судијата или сестрата која му ги давала парите на Стафа, Обвинителството засега не објавува детали.
Стафа беше правобранител од 2018 година, но беше разрешен на владина седница во 2022-та. Државниот правобранител го назначува Владата и е задолжен да ги штити имотните и другите права на државата.
По неговото разрешување, тој продолжи како адвокат, а изминатиов период беше и кандидат за член на Судскиот совет.
Љупчо Пецов, во јавноста познат како Ѓаволот, има богато полициско и судско досие, но и значителен број добиени тендери за нафта во време на претходната власт. Пецов, кој е во бегство, е обвинет за затајување данок во повеќе предмети, меѓу кои и случајот Синџир.
Со законот имал проблеми уште во 2013 година, кога заедно со мајка му и татко му беше осуден на седум години затвор за криминал тежок околу три милиони евра, поврзан со злоупотреби на тендери за нафта во аферата Керозин. И покрај тоа, само лани од државата добил 74 тендери со вкупна вредност од над два милиони евра.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
