Поранешните лидери на ОВК се изјаснија за невини во завршните зборови пред судот во Хаг

Четворицата поранешни лидери на ОВК, на кои им се суди за воени злосторства во Специјализираните совети во судот во Хаг, во своите завршни зборови денеска се изјаснија за невини, тврдејќи дека обвинувањата на обвинителството против нив се неосновани.
Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи имаа по 20 минути за своите завршни зборови, со што заврши презентирањето на завршните зборови во оваа постапка.
Обвинетиот Тачи во својата изјава тврдеше дека е невин и побара да биде ослободен.
Тој го оцени како невистинито тврдењето на обвинителството дека целта на ОВК била да добие контрола врз целото Косово, додавајќи дека, како што рече, ова е исто така „навреда“, имајќи ги предвид напорите што ги направил НАТО, со кој тесно соработувал.
Тој, исто така, изјави дека неговиот фокус е на градење и зајакнување на сојузот со САД и НАТО и дека немаше да има независност на Косово ако немаше НАТО.
Обвинетиот Весељи тврдеше дека не е докажано дека сторил какво било нелегално дело и дека неговите постапки биле „хумани и законски“.
Обвинетиот Сељими тврдеше дека војната што ја водеше таканаречената ОВК била „фер“ и дека обвинувањата против него се неосновани и неоправдани, додека Красниќи, исто така, тврдеше дека наводите во обвинението се неосновани и дека тој немал овластувања или функции наведени во обвинението.
Пресудата треба да се донесе во рок од 90 дена од завршувањето на доказната постапка, а доколку е потребно дополнително време поради околностите, тој рок може да се продолжи за уште 60 дена.
Поранешните водачи на ОВК се обвинети врз основа на индивидуална кривична одговорност по шест точки од обвинението за злосторства против човештвото и по четири точки за воени злосторства.
Обвинителството побара по 45 години затвор за сите четворица, нагласувајќи дека тие имале силна колективна улога како клучни членови на Главниот штаб на ОВК, дека постоела нивна намера, дека имале сознанија за кривични дела, вршеле ефективна контрола на теренот и дека секој од обвинетите дал значаен придонес во реализацијата на заедничкиот злосторнички потфат.
Застапникот на жртвите, Симон Лоз, во својот завршен збор истакна дека членовите на ОВК покажале неверојатна бруталност и екстремна суровост кон жртвите и посочи дека некои жртви никогаш не успеале да заздрават од тоа што им се случило.
Во обвинението се наведува дека злосторствата за кои се обвинети се извршени од март 1998 година до крајот на септември 1999 година на повеќе од 40 локации низ Косово и Метохија, како и во Кукеш и Чахан, во северна Албанија.
ОВК во текот на 1998 и 1999 година изврши бројни злосторства, убиства и киднапирања против припадници на армијата и полицијата на поранешна Југославија, Срби и други неалбанци, како и Албанци кои не прифатија да бидат нејзини членови или помагачи.
МИА
Ново на Сител
-

МВР со детали: Загинатото момче со мотор во Радишани е на 19-годишна возраст
-

Тешко повреден 19-годишник откако татко му го турнал по скали
-

Ограбен скопјанец кој побарал помош при вадење на пари од банкомат
-

Тетовец ја нападнал сопругата и ја избркал од дома заедно со трите малолетни деца
-

21-годишно момче со мотор загина во тешка сообраќајка кај Радишани
-

27 пакувања со марихуана пронајдени кај затвореник во Идризово
-

Момче паднало од тобоган и скршило вратен пршлен во Турција, со владиниот авион ќе биде вратено во Македонија
-

Тетовец продал камион за 11.000 евра на рати – останал и без камионот и без парите
