Поскапува струјата - сметките ќе пораснат од 57 до 900 денари
Од 1 јануари струјата поскапува за сите корисници. Во првиот блок зголемувањето е 2,45%, во вториот 2,87. Третиот блок оди нагоре за 3,32%, а четвртиот за 3,84%. Поскапува и евтината тарифа. Тука растот е за 2,50 отсто. Според пресметките на првиот регулатор Бислимовски, домаќинствата ќе имаат повисоки месечни сметки од 57 до 900 денари, зависно кој колку троши. Ако не се намалеше ставката за мрежарина, фактурите ќе беа уште поскапи.
-Со одлуката за дистрибуција на електрична енергија кај домаќинствата, ја намаливме мрежарината за 4,96%. Само по енергија ако анализираме, пред се заради зголемени трошоци за набавка на електрична енергија од ЕСМ, првиот блок, како енергија зборам само, има зголемување од 6,02%, вториот блок 5,88% третиот блок 5,7%, четвриот блок 4,87% и евтината струја за 10,57% - истакна Бислимовски.
Од СДСМ стигна критика. Филипче вели дека причина за поскапувањето е лошото менаџирање на енергетскиот сектор во земјава.
-Требало да се произведат над 5 илјади гигават часови струја, а не се произведени ниту половина. Како половина од хидроенергетскиот потенцијал во изминатата година да не работел, ете толку струја недостасува во нашиот енергетски систем. Таа струја е заменета со увозна скапа електрична енергија, наместо да се произведува и наместо РЕК Битола, Осломеј, Неготино, да работат и да произведуваат струја којашто државата ќе ја чини 80, 90 евра мегават час. Ние купуваме струја за 140 евра мегават часови – рече Филипче.
Од ВМРО-ДПМНЕ му одговорија: „СДС тврдеше дека државата ќе има поскапување на струјата од цели 5%. Се потврди дека станува збор за уште една голема лага. Покачувањето е најниско во Европа. Владата реши да ја субвенционира електричната енергија и со тоа директно да го заштити стандардот на граѓаните. СДС и Филипче треба да се извинат што го лажеа народот и граѓаните и споделуваа црни сценарија“.
Инаку најголемиот број од домаќинствата - над половина милион, се потрошувачи во првиот блок. Во двојката се околу 170 илјади домаќинства, во третиот 14 илјади, а останатите се во четвртиот блок. Новата цена треба да важи во текот на целата 2026 година.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
