Македонија
31. December 2022 - 16:44

Последниот ден од годината со екстремно загаден воздух

Последниот ден годинава Скопје се разбуди во магла, но и голема загаденост. Синоќа, не само во главниот град, тешко се дишеше и во Кичево, Гостивар, Струмица и други поголеми општини. Но, според надлежните не е надминат прагот на алармирање и не се активирани мерките и препораките.

Поради стабилното време од министерството за животна средина информираат дека и наредните денови можно е да имаме висока концентрација на штетни честички во воздухот.

Во меѓувреме на граѓаните им останува да се самозаштитат, а на лекарите деа ги третираат последиците од аерозагадувањето.

Според пулмолозите покрај компликации на горните дишни патишта проследени со гребење на грлото, течење на сос, тешко дишење... хемикалиите во загадениот воздух поголема штета прават кога ќе дојдат во долните дишни патишта.

-Од таму преку крвта се пренесуваат во целиот организам, затоа нема дел или орган кој не е афектиран. Затоа што таа хемикалија, тој отров буквално кажано оди во мозокот, срцето, сите органи и предизвикува несакани дејства. Затоа кога е загаден воздухот луѓето добиваат покачен крвен притисок, многу е зачестен бројот на срцеви инфаркти, разни аритмии и мозочни удари, изјави д-р Деска Димитриевска, од Клиниката за пулмологија.

Затоа доктор Димитриевска советува граѓаните да се замозаштитат. Кога е многу загадено да не се излегува надвор, да се избегнуваат физички активности на отворено и да се носи маска.