Македонија
20. November 2026 - 11:54

Потпишан петгодишен протокол за соработка со Универзитетот Тракија, обука за македонските здравствени работници во Едрене

Министерот за здравство Сашо Клековски и ректорот на Универзитетот Тракија од Едрене, проф. д-р Мустафа Хатиплер, денеска во Скопје потпишаа протокол за соработка во областа на здравството, со важност од пет години.

Како што информираат од Министерството за здравство, протоколот е потпишан во рамки на проектот „Мостови на братството“ - балканска соработка во здравството и обука во текот на работата, што Универзитетот Тракија го спроведува со поддршка на Министерството за здравство на Република Турција. Македонија е третата земја вклучена во проектот, по Косово и Бугарија.

Соработката предвидува стручни престои и практична обука на македонски здравствени работници на Медицинскиот факултет и во Универзитетската болница во Едрене, размена на знаење и клиничко искуство меѓу стручните тимови, како и заеднички научни истражувања и стручни настани.

Протоколот опфаќа и институционална соработка во областа на стоматологијата, фармацијата и здравствените науки.

Овој документ е продолжение на меморандумот за разбирање во областа на здравството што министерот Клековски го потпиша со министерот за здравство на Република Турција, проф. д-р Кемал Мемишоглу, во октомври годинава во Истанбул, каде што стручната размена и специјалистичката едукација беа определени како приоритетни области.

Во делегацијата на Универзитетот Тракија беа и проректорот и декан на Медицинскиот факултет проф. д-р Седат Устундаг, деканот на Факултетот за стоматологија проф. д-р Али Јилмаз и директорот на Универзитетската болница проф. д-р Алкин Чолак.

- Договорите вредат онолку колку што од нив ќе почувствува корист еден пациент. Со овој протокол нашите здравствени работници добиваат место каде ќе се доусовршуваат, а знаењето што ќе го донесат останува тука - изјави министерот Клековски.

 

МИА