Потребен национален систем за управување со земјоделската пластика
Без национален систем за управување со земјоделската пластика нема ефикасно решение за овој вид отпад по неговата употреба. На тоа укажува најновата анализа изработена со поддршка на Швајцарската Програма за зголемување на пазарната вработливост ИМЕ, според која употребата на земјоделска пластична фолија во Македонија бележи континуиран раст.
Во земјава годишно се користат меѓу 3.000 и 4.000 тони пластични фолии наменети за земјоделството. По завршувањето на нивниот век на употреба, најголем дел од нив завршуваат на диви депонии или се палат.
Како најсоодветно решение се предлага воведување систем на проширена одговорност на производителите, по примерот на повеќе европски земји. Со ваквиот модел би се обезбедиле организирано собирање, транспорт и рециклирање на отпадната земјоделска пластика, но и јасно дефинирани обврски за производителите и увозниците.
Во регионите каде што пластеничкото производство е најзастапено, како што е Струмичко, отпадните фолии најчесто се палат или завршуваат на депонии и во одводни канали, бидејќи во моментов не постои организиран систем за нивно собирање и третман.
-
Зоран Ѓеогриев
Сите содржини од овој новинар
