Потресни сведочења на пожарникарите за кобната вечер во “Пулс”
Живи, загинати и повредени, речиси сите гости од Пулс на кобната вечер биле заглавени во ходникот, тоалетот и билетарата. Телата на загинатите биле испреплетени, пожарникарите успеале да спасат и тројца што биле заглавени во тоалетот. Другите врескале за помош да излезат од дискотеката. Повикот пожарникарите го примиле околу 2:30 часот по полноќ, отишле до Пулс со сите девет противпожарни возила.
Кога стигнал командирот со возилото, до вратата веќе имало девојка која не реагирала.
-Пристапивме да ја реанимираме бидејќи беше во бесознание. Прво почнавме со вештачко дишење и пумпање на градниот кош, дојде медицинско лице, ме фати за раката и ми рече, господине девојката е почината, сведочеше командирот Драган Апостолов.
Се упатиле внатре кон објектот, а во ходникот имало толпа од луѓе паднати едни врз други. Дел од нив ги спасувале преживеаните, а тие влегле да го гаснат пожарот да не се прошири кон ходникот каде биле сите заглавени. Но во дискотеката виделе и три тела кој што веќе биле изгорени.
-После тој ходник пред мене имаше две изгорени лица кој ги зафатил огнот, пеплосани. Едното беше седнато на земјата, изгорено се држеше за високата маса, другото лице лежеше до него. Од денсата страна имаше уште едно лице, телото му беше изгорено со рацете нагоре, кажа во потресното сведоштво Апостолов.
Пожарот го гаснеле до кај 4:30 наутро, командирот видел дека има ознака за ПП апарат, меѓутоа тој бил без вентил и не можеле да го употребат.
И неговиот колега, кој пристигнал прв со возилото сведочеше дека извлекувањето било искчучително тешко, ги носеле на раце бидејќи дел од децата биле во грч и шок и не можеле да одат. Им помагало обезбедувањето и други лица кои се нашле пред објектот. Во билетарата затекнал заглавени над 10 лица без знаци на живот.
Сведочеа и двајца гости во дискотеката на кобната вечер. Купиле карти за 500 денари, а фискална не добиле. И двајцата кажаа дека објектот бил реновиран, претходно имало тераси во внатрешниот дел, а по реновирањето плафонот бил спуштен. И Сара и Бранислав биле хоспитализирани. Се согласија кривично да ги гонат обвинетите.
Мајката на загинатиот Томас Златков, посочи дека имаат сознанија според кои братот на сопственикот на Пулс, во притвор има телефон со кој влијае врз исказите на сведоците.
Дел од адвокатите и денеска бараа да падне обвинението за обвинетите кои не ја донеле пиротехниката и не биле вечерта присутни кога изгорела дискотеката.
Одбраната тврдеше дека обвинителството влијае врз изјавите на сведоците, додека пак родителите сметаат дека адвокатите ги заплашуваат.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
