Повеќе од 150 организации бараат од „Амазон“ и „Ибеј“ итно да ја запрат продажбата на играчки со вештачка интелигенција

Глобална коалиција составена од повеќе од 155 организации и експерти за заштита на децата денеска ги повика „Амазон“ и „Ибеј“ веднаш да ја запрат продажбата на играчки опремени со чет-ботови засновани на вештачка интелигенција (ВИ), поради загриженоста за ризиците по безбедноста и развојот на децата.
Во отворено писмо до извршниот директор на „Амазон“, Енди Џеси, и извршниот директор на „Ибеј“, Џејми Ајаноне, коалицијата побара од компаниите да ја суспендираат продажбата на играчки со генеративни чет-ботови со вештачка интелигенција наменети за деца помлади од 16 години, сè додека независни тестирања не ја потврдат нивната безбедност.
Коалицијата, во која членуваат организациите „Ферплеј“, „Алијанс 4 чилдрен“ и движењето „Анксиус џенерејшн“, исто така побара компаниите да ги предупредат купувачите што веќе ги набавиле таквите играчки и да им понудат враќање на парите.
Во писмото се наведува дека неодамна на американската интернет-платформа на „Амазон“ биле пронајдени повеќе од 50 играчки со вештачка интелигенција, додека на британската платформа кон крајот на октомври биле идентификувани 28 такви производи.
Некои производи биле рекламирани за деца на возраст од само три години, иако биле поврзани со чет-ботови за општа намена, наменети за постари корисници. Други, пак, ги рекламирале функциите како клонирање гласови и следење на емоционалниот развој на децата.
Коалицијата се повика на тестирања во кои играчките со вештачка интелигенција давале несоодветни сексуални одговори и упатства поврзани со употреба на кибритчиња и ножеви, а истовремено изрази загриженост и за нарушувањето на приватноста.
Организациите предупредија и дека децата би можеле да развијат нездрави емоционални врски со виртуелните придружници засновани на вештачка интелигенција, а долгорочните последици од тоа врз нивниот развој и менталното здравје сè уште не се познати.
„Пред да им бидат достапни на децата, мора да се докаже дека овие производи се безбедни, наместо да се повлекуваат еден по еден откако ќе се утврди дека предизвикале штета“, порача коалицијата.
- Трговците ги повлекуваат играчките со вештачка интелигенција од продажба една по една, дури откако ќе бидат јавно прозвани, но тоа не е доволно - изјави Рејчел Франц, директорка на програмата „Малите деца напредуваат офлајн“ во организацијата „Ферплеј“.
Коалицијата побара и двете компании да одговорат на барањето до Божиќ, за информациите да можат да им бидат доставени на законодавците и родителите.
Апелот доаѓа во време кога Калифорнија се подготвува да воведе четиригодишна забрана за производство и продажба на играчки со виртуелни придружници засновани на вештачка интелигенција, наменети за деца помлади од 16 години. Забраната треба да почне да се применува на 1 јануари 2027 година.
МИА
Ново на Сител
-

Повеќе од 150 организации бараат од „Амазон“ и „Ибеј“ итно да ја запрат продажбата на играчки со вештачка интелигенција
-

Со сослушување на сведоци на одбраната продолжува судењето за пожарот во „Пулс“
-

Најмалку две лица загинаа, а 22 се повредени во руските напади врз Запорожје
-

Магла кај Попова Шапка, сите државни патишта проодни
-

Сончево и постудено
-

Зеленски повторно побара Украина да стане членка на НАТО
-

Мерц ја повика Русија да запре со „опасните провокации“ откако паднаа три ракети во Полска
-

Татко и син истепале лекар и медицинска сестра во поликлиника „Јане Сандански“
