Повик до креативците да донираат дела за хуманитарната аукција на Фондацијата „Фросина Кулакова“

Фондацијата „Фросина Кулакова” е основана од семејството на трагично починатата Фросина со цел да гради долгорочни и системски решенија во борбата за поголема безбедност во сообраќајот, подигнување на јавната свест и обезбедување психосоцијална и правна поддршка за семејствата погодени од сообраќајни трагедии. Преку кампањи за општествена одговорност, едукација, застапување и директна помош, Фондацијата има за цел да ја претвори личната загуба во јавна мисија што создава смисла, грижа и реална промена.
Во тој дух, Фондацијата упатува јавен повик до уметниците и креативците од целата земја да се вклучат во хуманитарната аукција што ќе се одржи во рамки на донаторската вечер насловена „THREADS OF LIGHT”, по повод официјалното отворање на Фондацијата, на 29 јануари во Станица 26 во Скопје. Настанот ќе вклучи изложба, аукција и промоција на химната на Фондацијата „Фросина Кулакова”.
Донаторската вечер ќе ги обедини уметноста, солидарноста и општествената одговорност со цел да се соберат средства за поддршка на семејствата кои се соочуваат со последиците од сообраќајни несреќи, но и за пошироките активности на Фондацијата насочени кон подобрување на безбедноста во сообраќајот, подигнување на јавната свест и унапредување на законската и институционалната заштита на жртвите.
На аукцијата ќе можат да учествуваат сите форми на уметничко и креативно изразување – од слики, скулптури и фотографии, до модни парчиња, дизајнерски предмети, парчиња мебел, светлосни објекти, инсталации и уникатни рачни изработки. Целта е да се создаде силна, разновидна колекција која ќе покаже дека уметничката заедница може да биде вистински сојузник во општествените промени.
Во рамки на програмата ќе бидат претставени и реализирани модни парчиња инспирирани од цртежите на Фросина Кулакова, изработени од нејзини колеги и професори од нејзиниот матичен факултет, како симболично продолжување на нејзиниот творечки дух преку заедничка уметничка акција.
Средствата собрани преку хуманитарната аукција ќе бидат насочени кон поддршка на сите активности на Фондацијата „Фросина Кулакова” – вклучително и обезбедување психосоцијална и правна помош за семејствата погодени од сообраќајни трагедии, реализација на кампањи за подигање на јавната свест за безбедноста во сообраќајот, како и иницијативи за унапредување на законската рамка, поднесување предлог-закони и подобрување на правната заштита и застапеноста на жртвите во постапките.
Од Фондацијата посочуваат дека зад секоја сообраќајна трагедија не стои само момент на несреќа, туку долготрајна тишина со која семејствата мораат да научат да живеат.
„Ние научивме дека болката не исчезнува, но дека со соодветна поддршка може да се носи без да го изгубиме внатрешниот баланс. Психолошката помош ни помогна да останеме прибрани, да ја прифатиме загубата и да продолжиме понатаму со јасна свест, без гнев и без осуда. Токму од таа потреба за смисла и заздравување произлезе и идејата уметноста да стане простор за средба, дијалог и светлина. Овој настан не е само сеќавање, туку повик за заедничка грижа, одговорност и акција. Веруваме дека само преку системска поддршка и заздравување може да се создадат услови за вистинска промена и да се спречат нови болни последици.”, велат од семејството на Кулакова.
Сите заинтересирани уметници и креативци можат да се пријават со испраќање порака на Instagram профилот на Фондацијата https://www.instagram.com/fondacijafrosinakulakova/ со фотографија од делото, краток опис и предложена почетна минимална донација за делото.
Од Фондацијата и семејството упатуваат апел за широка поддршка и масовно учество, потсетувајќи дека сите сме учесници во сообраќајот и дека сите имаме одговорност да бидеме дел од решението.
Ново на Сител
-

Приведено лице од кумановско, со возило удрил и физички нападнал полициски службеник
-

Забранети уште 33 нелегални приредувачи на онлајн игри на среќа – вкупно 307
-

Николоски - Агелер: Македонија и САД се стратешки партнери, кои ќе продолжат да работат на јакнење на економските врски и на суштинските реформи
-

Бебето што почина било хоспитализирано поради обилно повраќање, соопшти болницата во Кавадарци
-

УХМР: Викендов постудено - дожд и снег во пониските и снег на повисоките места и на планините
-

Почнува европската воена мисија на Гренланд
-

Гаши: Треба да се повтори огласот за член на Судски совет бидејќи има нов Закон
-

Министерот Муцунски и раководството на МАСИТ со заеднички активности за стимулирање на извозот и нови инвестиции
