Македонија
14. February 2026 - 16:31

Повисока минимална плата ќе значи повисока инфлација

Ако работниците сакаат зголемување на минималната плата од 600 евра ќе мора да бидат подготвени и за повисока инфлација, односно повисоки цени. Економистите велат, примамливо звучи примањата да се зголемат за 50%, но доколку не е покрепено со зголемана продуктивност, тоа не може да помине без ефекти во економијата.

-Упорноста на инфлацијата што ја видовме во текот на 2025, и особено во втората половина од 2025 во голема мера може да се препише на пензиите којашто беше предизвикана од ад-хок зголемувањата. Во кумулатив тие изнесуваа, сега со март ќе изнесуваат 8.000 денари по пензионер. Значи, тоа кога ќе го поможните по бројот на пензионери годишно добивате бројка што е на 200 милиони евра годишно повеќе во економијата. Што гледано од индивидуална перспектива е позитивно, секој е задоволен со повеќе примања, меѓутоа, тоа е главната причина зошто инфлацијата не можевме да ја собориме побрзо од ова што е ситуација сега. Значи, ако зборуваме од тој обем по работник, а работници имаме дупло повеќе од пензионери, тогаш можете да замислите каков притисок ќе направи врз инфлацијата, вели Марјан Петрески од Фајнанс тинк.

Во меѓувреме, Сојузот на синдикати објави податоци од извештај на Меѓународната организација на трудот, според кои, продуктивноста на македонскиот работник е над просекот на светско ниво, тој е двојно попродуктивен отколку што е платен.

Според ССМ, македонскиот работник со минимална плата добива 17% од вредноста што просечно ја создава во еден месец.

-Продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 долари по одработен час (1.768,00 денари). Македонија, а пред се македонските работници се продуктивни над светскиот просек (23.27 долари). Ако се пресмета на месечно ниво (168 работни часа), еден работник е продуктивен, односно создава 297 024 денари месечно. Нето минималната плата во Македонија изнесува 24.379,00 денари месечно, а еден работник создава 297.024,00 денари месечно, велат од ССМ.

Според ССМ, постои економски простор за раст на платите и покрај тоа што одредени експерти, газди и функционери убедуваат во спротивното.

-Кај дел од земјите во регионот се гледа  дека продуктивноста не е многу повисока од Македонија, а минималната плата е значително повисока.  Исто така покажува дека македонските работници не се на дното, туку се со релативно добра продуктивност блиску до Бугарија, а повисоко од Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, но и покрај повисоката продуктивност во споредба со некои земји, минималната плата и генерално платите во Македонија се многу пониски во споредба со земјите од регионот, велат од ССМ.

Иако Владата се иззема од трипартитниот договор и практично остави на работниците и работодавачите сами да се договорат околу евентуално зголемување на минималната плата, економистот Петрески смета дека сите три страни ќе мораат да најдат компромис за ова прашње.

-Во моментов најпрудентното решение е да се цели кон тоа минималната плата да ја задржи својата куповна моќ, односно да се усогласи со растот на цените и просечната плата од претходната година. А штом инфлацијата се смири, тогаш низ еден подлабок дијалот базиран на докази, базиран на податоци во коишто ќе учествуваат трите засегнати страни, работодавачите, работниците и Владата да се дојде до евентуално решение кое би значело усогласување над тој износ, вели Петрески.

ССМ продолжува со барањето за минимална плата од 600 евра и линеарно покачување на сите плати за 100 евра. Во вторник ќе ја блокираат Владата, а потоа најавуваат нов голем протест во неработен ден на кој ќе има и организиран превоз за работниците од внатрешноста на државата.

Во меѓувреме, Државната статистика вчера објави дека месечната инфлација во јануари се намалила за 0,7%. Тоа според експертите е добар индикатор, но се уште постојат ризици, како домашни, така и глобални.

Тоа значи дека допрва ќе стане појасно дали годинава инфлацијата ќе се стабилизира. Очекувањата на Владата се дека до крајот на годината стапката на инфлација ќе биде под 3 проценти.