Позитивни тестови и помеѓу мигрантите, епидемиолозите велат дека не се закана за граѓаните
Во изминатите неколку месеци мигрантите повторно станаа една од главните теми. Скоро и да не поминува ден, а да не биде откриена група на илегални мигранти или пак обид за нивно криумчарење. Но, колку и дали тие може да претставуваат опасност за ширење на корона вирусот? Епидемиологот од гевгелиската болница Сашко Олумчев на чие што подрачје се откриваат и најголемиот број мигранти вели дека во тој дел место за страв не треба да постои. Според него, веројатноста некој од мигрантите да ја пренесе заразата е минимална бидејќи тие не доаѓаат во контакт со граѓаните, а службените лица кои работат со нив се заштитени согласно сите протоколи.
,,Тие се наоѓаат во простор кој е апсолутно изолиран од смото граѓанство, така да во тој дел нема некоја посебна опасност да трансферираат вирус на некој од вработените или на граѓанството во Гевгелија или во околните општини. Доколку се детектира позитивен веднаш се изолира. Ако е симптоматски се носи на лекување, во посебни услови, ако е асимптоматски се сместуваат во државен карантин за мигранти кој е предвиден за позитивни заболени од ковид 19.,, вели д-р Сашко Олумчев - Епидемиолог.
Од почетокот на пандемијата во гевгелиската болница биле тестирани голем број на мигранти, но само мал дел од нив добиле позитивни резултати.
,,До сега имаме истестирано прилично голема бројка на мигранти. Да имаше позитивни. Последниот пат беа четири, претходно имавме еден, дали се пет, дали се шест мигранти, меѓутоа апсолутно не претставуваат никаква опасност. Тие четворица позитивни заедно со нивните контакти вкупно 12 се однесени во државен карантин, таму се под здравствен надзор. До сега немаат покажано никакви симптоми. Се превезуваат со посебни возила, тие возила потоа се дезинфицираат, значи се употребува заштитна опрена за сите што се во контакт со нив, така да кај нив има посебна дисциплина и мислам дека они се најмала опасност во моментот за пренос на вирусот.,, вели епидемиологот ОЛУМЧЕВ
Во случај на позитивен тест и за мигрантите важат истите алгоритми како и за останатите граѓани. Позитивните, доколку немаат симптоми се ослободуваат после десетиот ден, додека нивните контакти после 14 дневната изолација.
-
Зоран Ѓеоргиев
Сите содржини од овој новинар
