Македонија
31. July 2025 - 16:48

Пратенички прашања: Кој го издаде Македонскиот јазик и идентитет

Заглавените евроинтеграции и тоа што македонскиот јазик и идентитет биле исклучени од Извештајот на Европскиот парламент беа клучните политички теми со кои опозициската СДСМ го предизвика премиерот Мицкски на седницата за пратенички прашања.

За Мицкоски прифаќањето на францускиот предлог било историска замка која ја прифатила СДСМ во корист на Бугарија.

Тоа што не им успеало на Батемберг, преку Јосиф, преку оваа асимилаторска на Сталин, на комунистичкото раководство на Социјалистичка Бугарија, преку Тодор Живков, вие се прифативте. И да тешко е, преку ноќ не можеме за една година да го смениме, но ќе работиме да го менуваме. Бидете трпеливи. Во ваше време беше ерес да се спомене македонски идентитет и јазик во Извештај., - Христијан Мицкоски, премиер

Од СДСМ со контра теза едека ВМРО-ДПМНЕ имале хибридна историска идеологија.

На гробовите на моите предци има петокрака. Имаме чиста и јасна идеологија и ние сите, како социјалдемократи, сме наследници на асномските идеали и вредности на антифашизмот за разлика од хибридната идеологија на ВМРО-ДПМНЕ, која час се претставува како наследник на Ванчо Михајлов и Тодор Александров, а час на Гоце Делчев. И тоа е каменот кој ќе стои на вратот на ВМРО-ДПМНЕ за век и веков., - Митко Трајчулески, пратеник на СДСМ

На критиките на опозицијата дека доцнат инфраструктурните проекти поврзани со железничката пруга кон Бугарија, министерот за транспорт Николоски пак, вели дека проектот се одвивал претпазливо со цел да не завршат половина милјарда евра во слеп тунел.

Имавме три барања, пред месец дена Бугарија ги прифати трите барања. Првото барање беше да го доизградат својот дел којшто недостасува, второто барање беше од Софија до Ѓуешево каде на хартија има пруга, но е нефунционална, да вложат пари и да ја изградат, а третото барање беше тунелот да се изгради целосно., - Александар Николоски, вицепремиер и министер за транспорт

Владејачките пратеници пак, најмногу ги интересираа странските инвестиции, по што премиерот најави голем странски инвеститор во делот на енергетиката, чие име треба да биде познато до крајот на август.

Премиерот одговарaше и на прашње за оперативниот план за вработување на млади каде посочи дека буџетот за оваа намена е зголемен за дополнителни 460 милиони денари наменети за старт-ап компании.