Правда: Вонредниот инспекциски надзор е незаконски
Инспекторите од Инспекторатот за употреба на јазиците и денеска влегле во Министерството за правда. Според наши информации, Правда им ги дале сите документи кои ги побарале за вонредниот инспекциски надзор за полагањето на правосудниот испит.
Иако соработува, за Министерството овој вонреден инспекциски надзор е незаконски, за што веќе испратиле допис до Инспекторатот. Правда смета дека направени се суштински пропусти бидејќи не постои официјална иницијатива, туку само петиција од студенти. Дополнително, не постои ниту писмена наредба од директорот на Инспекторатот.
Отсуството на иницијатива, непостоењето писмена наредба од овластено лице на институцијата и неисполнувањето на условите за постапување по службена должност претставуваат суштински, а не формални повреди на постапката.
- Ваквото постапување создава сериозен правен преседан и претставува индиција дека Инспекторатот за употреба на јазиците постапува надвор од рамките на своите законски утврдени надлежности. Особено загрижува фактот што орган кој по својата природа и функција треба да обезбедува законитост и почитување на правниот поредок, постапува без јасен и недвосмислен правен основ, што директно ги доведува во прашање законските начела на законитост и зашт ита на јавниот интерес, велат од Правда посочувајќи дека сепак ќе продолжат да ги доставуваат побараните документи од страна на инспекторите.
Директорот на Инспекторатот, Асрим Идризи денеска не одговори на повиците за да одговори што откриле.
Во меѓувреме, претседателката на државата одговарајќи на новинарско прашање рече дека Уставот и Законите не смеат да се толкуваат по партиска директива.
- Постојат два вида на интерпертација на Уставот и на Законите. Едната е судската интерпретација, а другата е научната. За жал, кај нас доминира партиската интерпретација на Законите. Понекогаш во таа интерпретација дури се постапува како квази-уставен суд. Значи, оценка на уставноста на законите и на другите општи акти дава Уставниот суд. Не ние низ нашите интерпретации, вели претседателката на државата, Гордана Силјановска Давкова.
Студенти поднесоа петиција, а бараа и од Народниот правобранител правосудниот испит да може да се полага и на албански јазик. Во изминатите пет години од вкупно 881 кандидати за полагање на правосудниот испит, 232 биле од албанска етничка припадност. Владата во моментов ги разгледува можностите како законски да се регулира полагањето на правосуден испит и на албански јазик, но и дали ќе биде тоа возможно, со оглед на тоа што моментално законот не дозволува испитот да се полага на друг јазик освен македонски.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
