Македонија
7. August 2026 - 12:10

Пред стартот на гроздоберот, лозарите веќе стравуваат од слаба заработка

Пред стартот на гроздоберот, започнуваат и калкулациите на лозарите за годинашната реколта, но и за откупната цена. Според најавите, винското грозје ќе се откупува по цена повисока во однос на лани, со минимално покачување, меѓутоа лозарите не се надеваат на подобра заработка. Причината е намалениот род, кој според нив е последица на временските непогоди што ги зафатија лозовите насади во повеќе лозарски региони.

Од Асоцијацијата на земјоделци велат дека, иако квалитетот на грозјето е задоволителен, приносите ќе бидат значително пониски од минатогодишните.

- Оваа година најверојатно ќе биде со намален принос, во март месец имаше измрзнување и од невремето има погодено во некои региони, меѓутоа квалитетот е добар. Цената ќе биде према ланската, со еден денар покачена. Лани Вранецот беше 20, сега треба да биде 21, 3, Смедеревката лани беше 19, сега е 20. Ова се изјавите на министерот на еден од состаноците, меѓутоа се уште не е потврдено од винариите, изјави Гоце Серафимов, потпретседател на Асоцијација на земјоделци.

Лозарите велат дека лозарството е макортпна работа. Бербата е само финалето, а одгледувањето на винско грозје бара континуирана грижа во текот на целата година 

Производителите предупредуваат дека и покрај благо повисоката цена, економската пресметка нема да биде во нивна корист. 

- Како ќе кажат големците, така ќе биде. Може и без пари ќе ни го земат, од кај да знаеме, додаде анкетиран Лозар

Вистинската слика за годинашната лозарска сезона ќе биде позната по завршувањето на бербата во септември.