Предизвикувачка година за прилепското стопанство
2025 беше доста предизвикувачка година за прилепското стопанство. Воведувањето на американските царини предизвика затворање на некои пазари, дел од странските инвестиции во Прилеп веќе се селат во Северна Африка, а војната во Украина ги затвори и дел од пазарите во Европа. Ова е оценката на прилепската Регионална стопанска комора за годинава која изминува. Остануваат и проблемите како недостигот на работна рака и неадаптираниот образовен процес според потребите на пазарот и новото време.
„Сметаме дека доколку државата се вклучи во огромна промоција на македонскиот бизнис, тогаш би било добро. Посилни напори, не само декларативни во сузбивањето на сивата економија барем од оние сектори кои нашата економија ги има за да може да го заштити тој дел од производството да може да продолжи да работи. Во спротивно сето тоа само дополнително ќе го убрзува процесот на пропаѓање и на банкнотирање на нашите компании“, изјави Никола Мариноски, претседател на Регионална стопанска комора.
Потребна е заштитата на домашното производство, особено на земјоделските производи, а ќе треба и доквалификација и преквалификација на работната сила, за поголема продуктивност. Во однос пак на растот на платите неизвесна е ситуацијата.
„Платите би требало да растат согласно инфлацијата, така да некои 3-4% како што е проектирано би требало да има зголемување на платите, но не знаеме како ќе се одвива бидејќи поскапувањата претежно одат во делот на храната, поголемиот дел од платата се троши на храна и не знаеме тој дел до кој степен ќе оди“, додаде Мариноски.
Градежниот сектор вели дека се почувствувало раздвижување, како со унгарските кредити, така со изградбата на коридорите 10 и 8, и со реализацијата на повеќе проекти на локлано ниво, потпомогнати со средства од централниот буџет. Но се бараат и одредени законски измени.
„Поприлично треба институциите да се позанимаваат со тие институционални набавки, елиминирање на нелојална конкуренција, само преку законски регулативи и она што значи регулирање на условите и учеството и тендерирањето преку институцијата Е-набавки“, кажа Гордан Бошкоски, градежна компанија.
И кај градежниот сектор потребата од работна рака останува еден од најголемите проблеми.
-
Дарко Штарговски
Сите содржини од овој новинар
