Македонија
17. November 2024 - 16:32

Предвремено родените бебиња се мали херои за вработените на Гинекологија!

Родени во 25-тата гестациска недела со тежина под 1 килограм, неколку бебиња се борат за живот на интензивна нега на Гинекологија. Едно од нив после 4 недели веќе не е на респиратор, а во инкубаторите кои се нивниот прв дом поминуваат и по неколку месеци додека бидат подготвени за надворешниот живот.  На одделот во моментот има околу 30-тина превремено родени. За медицинскиот персонал тие се вистински мали херои кои борбено ги поминуваат сите препреки. 

- Некогаш треба да се изборат со инфекции, некогаш имаат вродени срцени мааани и треба да се    интервенира, некогаш поспоро растат. Затоа овде голема благодарност до родителите што активно сега учествуваат и го забрзуваат процесот на заздравување на беињата и го скратуваат времето за престој на Интензивна, вели прим. д-р Елизабета Петковска, раководител на интензивна на ГАК.

Годинава на Гинекологија има 681 бебе кои се превреме родени и пристапот на квалитетна нега е многу важен за нивно преживување. 

- Статистиките кои од 2017 година покажуваа смртност на над 21 процент, годинава истите се намалени на 6,7 проценти, односно 2 проценти во прочистената перинатална смртност, вели Јовица Андовски, заменик министер за здравство

Инфекциите, но и загадениот воздух се едни од причините поради кои може да дојде до предвремено породување. Но има и други ризик фактори, алармираат лекарите. 

- Денес современата жена прво ја реализира кариерата, а потоа се посветува на завршување на репродуцијата. Еден од ризик факторите е токму ова, бременоста после 35 годишна возраст. Тоа е така затоа што во таа возраст, кај мајката веќе постојат коморбидитети, изјави проф. д-р Ирена Алексиоска Папестиев, директор на ГАК

На предвремено завршување на бременоста влијае и преексламсијата и затоа на Гинекологија ќе почнат со пилот студија за бесплатен скрининг кај трудници кај кои може да биде детектирана оваа состојба. Исто така ќе биде промовиран и водич изработен од акушерка каде родителите ќе ги имаат сите одговори за престојот на нивните бебиња на интезнивна.