Loading Video...
Свет
12. January 2026 - 12:15

Преглед на вестите од светот

Бројот на жртви во протестите во Иран надмина 500, соопшти новинска агенција со седиште во САД. Активистите за човекови права денеска соопштија дека 538 лица се убиени во двонеделните демонстрации - 490 демонстранти и 48 припадници на безбедносните сили. Приведени се повеќе од 10.600 лица.

Агенцијата предупреди дека бројот на жртви веројатно ќе продолжи да расте. Бројката, која исто така не е независно потврдена, претставува нагло зголемување во однос на претходниот број на жртви на организацијата. Од таму предупреди дека бројот на жртви може да биде уште поголем бидејќи интернет-врската во Иран е прекината веќе неколку дена, што го отежнува пребројувањето.

Високи американски претставници на администрацијата во вторник ќе го информираат американскиот претседател Доналд Трамп за конкретните опции за одговор на протестите во Иран, објави „Волстрит џурнал“, повикувајќи се на американски претставници.

Трамп, кој во последните денови постојано се закануваше дека ќе интервенира во Иран, вчера објави на социјалните медиуми дека САД се подготвени да му помогнат на народот на Иран во нивната борба за слобода.

Протестите започнаа во Техеран на 28 декември минатата година поради падот на вредноста на иранската валута и економските тешкотии во земјата, а оттогаш се проширија во повеќе од 100 градови и места низ сите ирански провинции
Иранските државни медиуми во неделата емитуваа погребните поворки за безбедносните сили и цивилите за кои се вели дека биле убиени за време на неодамнешните протести. Владата прогласи тридневна национална жалост во чест на оние опишани како „маченици убиени во отпорот против САД и ционистичкиот режим“, според официјални извори.

Околу две илјади луѓе протестираа за промена на режимот во Иран пред резиденцијата на британскиот премиер Кир Стармер во текот на вчерашниот ден, извикувајќи слогани во поддршка на демонстрантите. Во Париз бројката на демонстранти се движеше околу 500. 

Данската премиерка Мете Фредериксен потврди дека данскиот министер за надворешни работи Ларс Леке Расмусен ќе се сретне со американскиот државен секретар Марко Рубио за разговори за Гренланд оваа недела, во услови на обид на САД да ја преземат контролата врз арктичкиот остров.

Таа не ја прецизираше локацијата или точното време на состанокот. Рубио претходно изјави дека планира да се сретне со дански претставници откако Данска и Гренланд побараа разговори со американскиот дипломат. Гренланд, со население од помалку од 57.000 жители, е во голема мера автономен, но формално е дел од Кралството Данска, кое е членка на НАТО. Парламентот на Гренланд доцна во петокот соопшти дека ќе свика седница за да разговара за неговиот одговор на заканите на САД за преземање контрола врз островот.