Преглед на вестите од светот
Руските сили рано утрово започнаа најинтензивниот бран ракетни напади во годината врз двата најголеми града во Украина соопштија украинските власти и медиумите, при што загинаа четири лица, а шест беа повредени во североисточниот град Харков.
Околу 20 балистички ракети биле лансирани во рок од околу еден час преку ноќ. Од руска страна немаше коментар за нападите. Русија постојано ги напаѓа украинските градови таргетирајќи ја енергетската инфраструктура и оставајќи милиони без струја и греење во зима, додека одбраната на Киев се обидува да ги пресретне нападите.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан учествуваше на провладин митинг во понеделникот одржан во Техеран. Пезешкијан беше виден како маршира заедно со демонстрантите низ улиците на главниот град. Американскиот претседател Трамп во недела изјави дека САД може да се сретнат со ирански претставници и дека тој е во контакт со опозицијата во Иран, додека врши притисок врз нејзините лидери, вклучително и закани со можна воена акција поради смртоносно насилство врз демонстрантите.
Групата за човекови права ХРАНА, со седиште во САД, соопшти дека ја потврдила смртта на 544 лица - 496 демонстранти и 48 припадници на безбедносните сили, со 10.681 лица уапсени откако протестите започнаа на 28 декември и се проширија низ целата земја.
Иранскиот врховен лидер ајатолахот Али Хамнеи, ги предупреди американските политичари да „престанат со нивната измама“ и да не се потпираат на она што тој го нарече „предавнички платеници“. Хамнеи исто така им се заблагодари на Иранците кои учествуваа на провладини собири, велејќи дека „демонстрациите ги спречиле надворешните заговори против земјата“.
Портпаролката на Белата куќа, Каролин Ливит, порача дека претседателот на САД, Доналд Трамп, „покажал дека не се плаши да користи воени опции“ кога тоа го смета за неопходно. Таа во исто време додаде дека „дипломатијата е секогаш прва опција“ за Трамп.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски нареди документот за безбедносни гаранции за Украина од САД да биде финализиран и доставен на разгледување на највисоко ниво.
Тој објасни дека им дал задача на надлежните да обезбедат целосен надзор и експертски преглед на сите економски аспекти на идните договори меѓу Украина и САД, како и трилатералните формати Украина-Европа-Америка.
Лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, за време на говорот одржан на редовниот собир пред владата во Тирана, секој понеделник, ја обвини владата дека е „најсрамниот и најраспаднатиот режим во Европа и светот“.
Бериша рече дека режимот предводен од премиерот Еди Рама се темели на измама, пропаганда и измислици, додавајќи дека „каде и да го допрете, тече кражба, кражба и само кражба на Албанците“. Во својот говор, лидерот на Демократската партија, Сали Бериша, повика на масовен антивладини протест на 24 јануари, граѓаните, интелектуалците и младите да се обединат во вистински опозициски фронт за да го соборат она што тој го нарече „наркодиктатура“.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
