Преглед на вестите од светот
Претседателот на САД, Доналд Трамп објави дека нема да воведе казнени царини од следниот месец, бидејќи со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се договорил за контурите на договорот за иднината на Гренланд и за целиот арктички регион. Тој додаде дека решението ќе биде одлично за САД и за сите земји-членки на НАТО.
Американскиот претседател додаде дека ќе се разговара за проектот „Златна купола“ на Гренланд. Трамп претходно во воведниот говор на Светскиот економски форум во Давос изјави дека „нема да употреби сила“ за да ја преземе контролата врз Гренланд, што веднаш предизвика скок на индексите на светските берзи. Само САД „се во позиција да можат да го обезбедат Гренланд“, им рече тој на лидерите во Давос.
Две лица загинаа во Грција во синоќа откако поројни дождови поплавија улици, домови во Атина и други делови од земјата, соопштија властите. Една жена почина откако беше удрена од автомобил кој беше однесен од ненадејните поплави. Атинското предградие Глифада беше едно од најтешко погодените.
Противпожарната служба доби стотици повици за испумпување вода од поплавените згради во Атина. Се очекува дождот да се пресели во источниот дел од земјата во текот на денешниот ден. Поради силниот ветер, бродовите и траектите остануваа закотвени на трите пристаништа во Атина, по издадената забрана за пловидба, а затворени беа и сите училишта во областа Атика.
До петок се очекува поголемиот дел од грчките земјоделци, а можно е и сите, да се повлечат од блокадите во цела Грција по над 50 дена поминати на улица и автопатиштата, како и сите сообраќајници.
По состанок со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис одлучено е в петок наутро тракторите координирано да се повлечат од блокадата кај Никеа на автопатот Атина – Солун и да се упатат кон центарот на градот за симболично да се завршат протестите по 54 дена на улица, а веднаш потоа и да се вратат во своите места.
Специјалниот пратеник на Трамп, Стив Виткоф, соопшти дека денеска ќе оствари средба со рускиот претседател Владимир Путин.
-Русите сами ја побараа средбата, изјави Виткоф.
Претходно, Кремљ потврди дека се подготвува за посетата на Виткоф и на Џаред Кушнер, во рамките на напорите за мировни преговори за Украина.
Според медиумските извештаи, претставници на САД и Русија веќе разговарале за билатералните односи и војната во Украина на маргините на Светскиот економски форум во Давос.
Поради обилните дождови во Нов Зеланд има лизгање на земјиште што се случи во северниот дел на островот вклучувајќи популарно туристичко место. Спасувачите бараат неколку исчезнати лица, вклучувајќи деца, а обилните дождови предизвикаа огромна штета, а исто така оставија илјадници луѓе без електрична енергија.
-

Марјан Ников
Сите содржини од овој новинар
