Loading Video...
Свет
24. March 2026 - 12:17

Преглед на вестите од светот

Иранската Исламска револуционерна гарда предупреди на силни ракетни напади и напади со дронови против израелските воени позиции во северен Израел и Газа. Во соопштението споделено од државната новинска агенција ИРНА на Телеграм, се наведува дека нападите врз цивилното население ќе резултираат со директна воена акција насочена кон збирните точки на израелските сили. Упатија сериозно обвинување дека војската на ционистичкиот режим извршила широко распространети воени злосторства врз цивилите во овие земји вршејќи геноцид и со тоа  ги преминала црвените линии.

Доколку продолжат да ги искористуваат воените услови во регионот и фокусот на медиумите врз војната наметната од САД и режимот против Исламска Република Иран предупредуваат дека  без размислување ќе се најдат под силен воздушен напад.

- Ја предупредуваме криминалната војска на режимот дека доколку продолжат злосторствата врз цивилите во Либан и Палестина, збирните точки на непријателските сили во северниот дел на окупирана Палестина и појасот Газа, без никакво размислување, ќе се најдат под силни ракетни напади и напади со дронови од страна на Исламската Република Иран и Исламската револуционерна гарда.“

Утрово над небото на Израел се забележани пресретнувања на голем број ракети, додека војската соопшти дека работи на неутрализирање на заканите. Иран негираше дека учествувал во какви било преговори со САД откако претседателот Доналд Трамп вчера одлучи да ја одложи заканата за бомбардирање на иранската електрична мрежа велејќи дека имале продуктивни разговори со режимот на Техеран.

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен повика на преговори со Иран. Таа ги осуди нападите на Иран врз цивили и комерцијални бродови и рече дека затворањето на Ормутскиот Теснец е неприфатливо. Фон дер Лајен не ги осуди постапките на САД и Израел со кои почна војната. На заедничката прес конференција со австралискиот премиер Ентони Албанезе во Канбера таа порача дека ситуацијата е критична за снадбување со енергија ширум светот.

Русија во текот на ноќта лансираше дронови и ракети кон Украина, при што загинаа најмалку три лица, оштетени се куќи и предизвикани се пожари, соопштија украинските официјални лица.

Едно лице загина, а пет се повредени во нападот врз Запорожје, објави регионалниот гувернер на апликацијата Телеграм. Шест станбени згради, куќи, продавници и објект на индустриската инфраструктура во Запорожје беа погодени и сериозно уништени. Две лица загинаа, а 11 се повредени во нападот во источниот регион Полтава.  Во експлозија на станбена зграда во Севастопол една жена загина а повредени се уште 12 лица меѓу кои и деца.

Србија одбележува годишнина од почетокот на НАТО бомбардирањето врз тогашна Сојузна Република Југославија, која во 1999 година, ги опфаќаше Србија и Црна Гора. Интервенцијата беше насочена кон запирање на кризата на Косово. Бомбардирани беа болници, мостови, фабрики, јавни згради и воени објекти, како и кинеската амбасада во Белград за која подоцна американскиот претседател Бил Клинтон изјави дека било грешка. Во текот на нападите Југословенската армија собори три авиони и два хеликоптера на НАТО, а зароби тројца нивни војници. Бомбардирањето траеше 78 дена  до 10 јуни кога Слободан Милошевиќ прифати повлекување на војската од тогашната покраина Косово и Метохија.

Се проценува дека во текот на бомбардирањето загинале меѓу 2.500 лица, претежно цивили. Годишнината ќе биде одбележана со низа комеморативни собири во Белград, додека централниот државен настан ќе се одржи во вечерва пред галеријата на националниот музеј во Врање каде ќе присуствува претседателот на Србија Александар Вучиќ.