Loading Video...
Свет
15. October 2026 - 12:29

Преглед на вестите од светот

Најмалку 27 деца и една наставничка загинаа, а повеќе од 30 лица се повредени откако се урна покривот на приватно училиште во градот Пешавар, во северозападен Пакистан. Дел од повредените се во критична состојба, а спасувачите сè уште трагаат по деца за кои се стравува дека останале затрупани под урнатините. Несреќата се случила утрово, за време на наставата, во густо населениот дел Дир Колони. Според првичните информации, се урнала конструкцијата на горниот кат, која паднала врз просториите под неа. Загинатите деца биле на возраст до 13 години На местото на несреќата веднаш пристигнале спасувачки екипи, амбулантни возила и тешка механизација. Во извлекувањето на затрупаните ученици се вклучиле и локални жители.
Полицијата го уапсила сопственикот на училиштето и наредила истрага. Според првичните оценки на полициските власти, зградата била конструктивно нестабилна, но точната причина за уривањето допрва треба да се утврди. Ова не е прва ваква трагедија во Пакистан. На 30 јуни годинава, при уривање на покрив на образовен центар во Лахор загинаа најмалку 14 деца. Уривањето на згради е чест проблем во земјата, каде што градежните стандарди недоволно се спроведуваат, а неквалитетните материјали и непочитувањето на безбедносните прописи дополнително го зголемуваат ризикот.

Американската војска подготвила нови планови за напади врз Иран, кои предвидуваат и можна употреба на таканаречената „мајка на сите бомби“ – најмоќната ненуклеарна бомба во американскиот арсенал, објави Си-Ен-Ен, повикувајќи се на американски функционери. Цел на нападите би биле иранските енергетски објекти и нуклеарни постројки, доколку претседателот Доналд Трамп нареди продолжување на воените операции пред или по изборите за Конгресот. Употребата на оваа бомба, позната под ознаката МОАБ, би претставувала сериозна ескалација на конфликтот. Сепак, дел од американските функционери се сомневаат дека таа би можела да ги постигне воените цели на Вашингтон или да го промени текот на војната. Во меѓувреме, Трамп се соочува со сè поголем притисок да стави крај на конфликтот, кој трае повеќе од шест месеци. Републиканците стравуваат дека незадоволството од војната би можело да се одрази врз резултатите на претстојните избори за Конгресот, додека засега нема знаци дека Вашингтон и Техеран се блиску до дипломатско решение.

Папата Лав се опоравува по операцијата на десното белодробно крило, откако лекарите му дијагностицираа рак на белите дробови. На 71-годишниот поглавар на Римокатоличката црква пред два дена му беше отстранет долниот дел од десното белодробно крило, со цел да се отстрани целото канцерогено ткиво. Од Ватикан соопштија дека закрепнувањето се одвива според очекувањата, папата веќе почнал да се движи низ болничката соба и нормално да се храни. Се очекува да остане во римската болница „Џемели“ околу една недела, а сите негови јавни активности се откажани до 20 октомври.
Дијагнозата предизвика загриженост во јавноста и отвори прашања за иднината на неговиот понтификат, со оглед на тоа што папата Лав беше избран во мај минатата година и важеше за релативно млад и енергичен поглавар.