Loading Video...
Свет
16. October 2026 - 12:14

Преглед на вестите од светот

Шеснаесетгодишен тинејџер пукал во основно училиште во американската сојузна држава Орегон, при што убил три деца и еден наставник.

Убиените деца биле на возраст од пет, осум и 11 години.

Во нападот биле повредени и седумгодишно дете и 54-годишен наставник, кои се пренесени во болница во критична состојба.

Според полицијата, напаѓачот насилно влегол во училиштето во градот Бенд, пукајќи во заклучените врати.

Тој бил застрелан од друго лице, а полицијата го пронашла неговото тело во училишната зграда само неколку минути по првата пријава за пукањето.

Веднаш по нападот училиштето било блокирано, а на терен биле испратени голем број полициски екипи.

Полициските службеници ги проверувале училниците и ги евакуирале учениците, кои со автобуси биле пренесени на безбедна локација, каде што ги чекале нивните родители.

Полицијата го обезбедува подрачјето околу училиштето, а на граѓаните им е препорачано да го избегнуваат реонот.

Засега не е познат мотивот за нападот, ниту дали 16-годишниот напаѓач претходно го посетувал училиштето.

Во училиштето се запишани околу 450 ученици, а наставата во училишната област е откажана за денеска.

Три лица загинаа, пет се водат како исчезнати, а повеќе од 2.700 жители се евакуирани по силните поплави што го зафатија Истанбул.

Обилните дождови предизвикаа излевање на реки, поплавени улици и голема материјална штета во повеќе делови од градот.

Надојдената вода однела автомобили, поплавила домови и деловни објекти.

На дел од улиците возилата останале натрупани едно врз друго, а сообраќајот бил блокиран.

Според турските власти, досега се евакуирани 2.727 лица.

Надлежните служби работат на расчистување на калта и остатоците од поплавите, додека продолжува потрагата по петте исчезнати лица.

Поради поплавите, наставата во училиштата е прекината и за денеска, а властите ги повикаа граѓаните да не ги напуштаат домовите доколку немаат итна потреба.

Во некои делови од Истанбул се измерени и до 272 литри дожд на квадратен метар, додека метеоролозите најавуваат нови врнежи во наредните денови.

Најмалку 26 лица се повредени во насилните судири меѓу демонстрантите и полицијата во албанската престолнина Тирана.

Меѓу повредените има полицајци, демонстранти и случајни минувачи.

Протестите, кои траат трет ден, прераснаа во жестоки пресметки со безбедносните сили, палење барикади и уништување јавен имот.

Демонстрантите фрлале камења кон полицијата, палеле канти за отпадоци и поставувале барикади на улиците, а дел од нив упаднале и во банка.

Полицијата возвратила со солзавец, шок-бомби и водени топови во обид да ја растера толпата.

По судирите, на улиците останале изгорени контејнери, искршени семафори и уништени автобуски постојки.

Протестите започнале поради незадоволството од условите во високото образование, но прераснале во пошироки антивладини демонстрации.

Учесниците ги обвинуваат властите за корупција и занемарување на образовниот систем. Бараат оставка од премиерот Еди Рама.

Рама ги отфрли нивните барања, но порача дека е подготвен да разговара за проблемите во образованието.

Според досега објавените податоци, во последните два дена од насилните протести во Албанија медицинска помош побарале најмалку 115 лица.

Полицијата соопшти дека во тридневните судири се повредени 71 полициски службеник, од кои еден е во критична состојба.