Преглед на вестите од светот
Солзавец, водени топови, гумени куршуми од една, молотови коктели, камења од друга страна… Продолжуваат масовните протести во Албанија организирани од младите и студентите кои се обидуваат да го принудат албанскиот премиер Еди Рама да си даде оставка.
- Поминаа 13 години корупција и 13 години од неправење ништо и празни ветувања. Чашата е прелеана и ние сме тука за нашите права, вели студентот Јури Таулаху.
- Не сакаме само оставка од Рама; сакаме Рама да преземе одговорност за сите свои криминални дела за време на неговото владеење. Исто така, бараме целосна оставка на политичката класа од последните 35 години, а со тоа и на вредностите што тие ги застапуваат – вредностите на корупцијата, на приватизирањето на сè, на дискриминацијата.
Денешниот протест пред Министерството за образование стана насилен откако студентите почнаа да фрлаат молотови коктели и камења кон полицијата, јавува Ројтерс.
Антивладините демонстрации се проширија низ Албанија. Изминатите денови демонстрантите кршеа прозорци, подметнуваа пожари во владини згради и се судираа со полицијата. Во досегашните протести приведени се 500 демонстранти, регистрирани се 120 повредени полицајци и 45 повредени демонстранти, иако многу е веројатно многу од повредите кај студентите воопшто и да не се регистрирани.
Масовни и насилни протести и во Франција. Француската полиција користеше солзавец во обид да ги растера демонстрантите кои протестираат поради високите цени. Протестите почнаа минатиот месец во средните училишта во јужниот дел од Париз поради лошите услови и недоволниот број на наставници. Но прераснаа во национално движење против нееднаквоста, падот на стандардот и слабите јавни трошења.
Се бориме бидејќи условите за живот се премногу тешки, а цената на горивото е превисока. Бидејќи средношколците се изложени на насилство и солзавец само затоа што се обидуваат да протестираат, барајќи повеќе наставници и подобри услови за учење... Накратко, постојат многу причини поради кои сме денес овде, вели студентката Лола.
Ова е очигледно добар знак, бидејќи покажува дека постои голема поддршка од широк дел од населението, вклучително и од луѓе кои имаат секојдневни работни обврски, вели студентот Луче.
Францускиот претседател Емануел Макрон веќе повика на смирување на страстите.
„Очигледно, имам само една порака: повик за смиреност. Верувам дека ова е вткаено во самата наша демократија – нешто на што отсекогаш сум посветувал големо внимание и будност. Постои уставно загарантирано право на протест и на изразување, и тоа право целосно се почитува. Сепак, ова право подразбира и обврска за почитување – почитување на поединците и на имотот – што значи воздржување од навреди или чинови на уништување. Затоа, повикувам на смиреност и почитување, со цел да се зачува ова право. Сите ние сме негови чувари; тоа е одговорност што оди рака под рака со ова право“, вели Макрон.
Протестите во Франција одекнаа во тежок момент. На крајот на мандатот на Макрон, кој ја остава државата во фрагментирана внатреполитичка состојба и поларизирано гласачко тело.
Иран негира каква било вмешаност во нападите на Хутите врз Саудиска Арабија. Ова доаѓа откако Ријад го обвини Техеран дека ја поттикнал групата Хути да почне чести напади врз кралството во последните денови.
Според официјален Техеран, Хутите дејствуваат врз основа на сопствените интереси и проценки. Тензиите, како што велат иранските власти, не им служат на интересите на ниту една страна, а Техеран работел да ѝ помогне на Саудиска Арабија да ги прекине непријателствата преку медијација. Ријад иницираше разговори со Хутите со цел надминување на конфликтот, но тие одбија. Неодамна почнаа чести ракетни напади и напади со беспилотни летала врз клучни цели во Саудиска Арабија. Проценките се дека во овие напади убиени се 17 луѓе, а повредени се 333.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
