Loading Video...
Свет
31. May 2024 - 12:31

Преглед на вестите од светот

Њујоршкиот суд го прогласи Доналд Трамп за виновен за 34 од 34 обвиненија за фалсификување на бизнис документација, што е прв пат во историјата поранешен американски претседател да биде осуден за кривично дело. Освен што е прв американски претседател што добил ваква пресуда, тој е првиот претседателски кандидат кој е осуден сред кампањата за Белата куќа, а ако го победи Џо Бајден на изборите во ноември ќе биде и првиот актуелен американски претседател кој е осуден криминалец.

На поротата во судот на Менхетен и беа потребни речиси 12 часа во рок од 2 дена за да ја донесе пресудата.Пресудата дека е виновен за 34-те обвиненија на ниту еден законски начин не го спречува Трамп да продолжи со својата кампања или да биде избран за претседател во ноември.

 

Илјадници украински затвореници поднесоа барање да се приклучат на армијата во замена за условно ослободување. Во својата потрага да ги пополни сè помалите редови на својата пешадија, Украина се сврте кон регрутирање затвореници за да се приклучат во борбата против Русија, а досега се пријавиле повеќе од четири илјади.

Според договорот што им го нуди владата на затворениците, на затворениците ќе им бидат отстранети преостанатите казни - без разлика на должината - доколку се согласат да служат војска без отсуство до крајот на војната.

 

Соединетите Американски Држави и дозволија на Украина да го користи оружјето што и е доставено за напади врз цели во Русија, но само во близина на границата во областа околу градот Харков, каде што е во тек руската офанзива.

„Претседателот неодамна му наложи на својот тим да се погрижи Украина да користи американско оружје за контранапад во регионот Харков за да возврати на нападите на руските сили“ – објави Ројтерс, цитирајќи неименуван американски функционер.

Бајден досега одбиваше да му дозволи на Киев да користи американско оружје за да нападне цели на руска територија.

Украина ги притиска сојузниците, особено САД, да добијат дозвола да користат оружје со долг дострел за да напаѓаат цели во Русија.

 

Министрите за надворешни работи на НАТО во Прага денеска ќе разговараат за планот за воена помош за Украина.На вториот ден од нивниот дводневен состанок, министрите ќе се обидат да ги унапредат дискусиите за предлогот од 100 милијарди евра на генералниот секретар на алијансата Јенс Столтенберг за пренесување на одговорноста за координација на помошта од неформалната иницијатива предводена од САД на формалните структури на НАТО.

Останува отворено прашањето - какви услови треба да постават земјите од НАТО за тоа како да се користи оружјето што го обезбедуваат за Украина.