Преглед на вестите од светот
Русија го изведе најголемиот воздушен напад врз Украина од почетокот на војната. Најмалку 12 лица загинаа, а десетици се повредени, откако руските сили лансираа речиси 400 дронови и ракети на девет украински територии. Најголемиот дел биле пресретнати. Предизвикана е голема материјална штета. Срамнети со земја се голем број згради.
„Се разбудивме од звукот на експлозија. Веднаш го зграбив моето дете, има 20 месеци, го завиткав во ќебе и го заштитив. Потоа следеше уште една експлозија и огромен блесок. Слушнав како сè се превртува, а потоа тој звук ми остана во главата и ушите. Секаде имаше прашина, а кога прашината се слегна, ја слушнав мајка ми како вика од понискиот кат. Со детето во раце, боса чекорев по скршено стакло надолу и успеавме да излеземе преку задната врата“ – жителка на Киев
Високата претставничка на Европската Унија, Каја Калас, на социјалните мрежи напиша дека е потребен „најсилен меѓународен притисок“ врз Русија.
„Синоќешните напади повторно покажуваат дека Русија е решена да предизвика уште повеќе страдање и уништување на Украина. Разорно е да се видат деца меѓу невините жртви повредени и убиени. Моите мисли се со семејствата денес. Ни треба најсилен меѓународен притисок врз Русија за да ја запре оваа војна“ - Каја Калас, висока претставничка за надворешна политика и безбедност на ЕУ.
Од друга страна, Русија објави дека се соочила со украински напад со беспилотни летала рано утрово и дека уништила стотина дронови, вклучувајќи и некои насочени кон Москва. Среде дроновите се нашол и хеликоптерот во кој се возел Владимир Путин за време на посетата на Курската област. Војската успешно се справила со инцидентот.
Најмалку 10 лица загинаа, а седум беа повредени откако автобус падна од мост на автопатот Ла Линеа, во колумбискиот регион Киндио. Автобусот што превезувал 26 патници, меѓу кои студенти и службеници од Националниот институт за патишта, наводно имал механички дефект пред да ја изгуби контролата и да удри во заштитните огради. Повредените се префрлени во блиските болници.
Пропадна и 21-от обид за конституирање на косовското собрание. Пратениците повторно не успеаја да формираат изборна комисија за тајно гласање за избор на претседател на парламентот. На седницата беа присутни 90 пратеници. Од нив, 53 гласаа за, 1 беше против, а немаше воздржани. Сепак, недостатокот на потребниот кворум за избор на претседател на Собранието го спречи финализирањето на процесот. Следната седница е закажана на 27 мај.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар