Преговорите меѓу САД и Иран започнуваат во Пакистан

Мировните преговори меѓу САД и Иран започнуваат овој викенд во Исламабад. Разговорите ќе се одржат во пакистанскиот главен град во услови на засилени безбедносни мерки, поради што властите прогласија дводневен државен празник и ги испразнија улиците во градот.
Американската делегација ја предводи потпретседателот на САД, Џej Ди Венс, заедно со специјалниот претставник Стив Виткоф и зетот на американскиот претседател, Џаред Кушнер.
Пред состанокот, Венс рече дека САД влегуваат во преговорите со чувство на оптимизам, но во исто време го предупреди Иран „да не се обидува да ги надмудри САД“.
Иранската делегација во Исламабад се состои од 71 лице, вклучувајќи преговарачи, експерти, претставници на медиумите и безбедноста, јавија денеска иранските државни медиуми.
Делегацијата ја предводи Мохамед Бакер Калибаф, претседател на иранскиот парламент, а во неа е и министерот за надворешни работи, Абас Аракчи.
Предлогот од 15 точки на администрацијата на Трамп, што не е целосно откриен, наводно вклучува обврска на Иран да не поседува нуклеарно оружје, предавање на својот високо збогатен ураниум, ограничување на одбранбените капацитети на Техеран и повторно отворање на Ормуската Теснина.
„Имаме добри намери, но не веруваме. Нашето искуство во преговорите со Американците отсекогаш било обележано со неуспеси и прекршени ветувања“, рече Аракчи по слетувањето во Исламабад.
Исто така, беше објавено дека Израел и Либан ќе започнат официјални мировни преговори во Вашингтон во вторник. Прекинот на нападите во Либан е еден од условите што ги бара Иран во паралелните преговори со САД.
Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека војската на САД се подготвува за нови напади врз Иран доколку преговорите што започнуваат во Пакистан не доведат до конечен договор.
-Сè започнуваме од почеток. Ги полниме бродовите со најдобрата муниција и со најмоќното оружје некогаш направено. Ако нема договор, ќе ги употребиме многу ефикасно – се закани американскиот претседател.
Претходно, Трамп на својата мрежа „Трут Соушл“ (Truth Social) најави „најмоќен рестарт на светот“.
МИА
Ново на Сител
-

Чаир со проширена акција за чистење во пресрет на Курбан Бајрам
-

САД планираат нови царини за Канада и Мексико
-

Канада воведува привремена забрана за влез за жители на три африкански држави како мерка за заштита од ебола
-

Претседателот на Боливија доби пошироки овластувања за ангажирање на армијата
-

Верниците од исламска вероисповед го слават Курбан Бајрам
-

Прскање против комарци во Југоисточниот регион в четврток и петок
-

Сончево и топло време со мала до умерена облачност, попладне изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд
-

Медведев седми пат во кариерата елиминиран на стартот на Ролан Гарос
